„Жалгирис“ го изненади „Олимпијакос“ во Пиреја

Литванскиот првак „Жалгирис“ во драматичен меч славеше вчера против трикратниот првак во Евролигата, „Олимпијакос“, откако беше подобар во продолжението со 78:87. Василис Спанулис погоди тројка со звукот на сирената за 72:72 и не дозволи изненадување во регуларниот дел, но сепак на крај не можеше да ја спречи радоста на гостинските кошаркари.

Почетокот донесе сигурна и убедлива игра на домашните кошаркари кои направија двоцифрена разлика уште по првите десет минути. Но тимот на Шарунас Јасикевичиус докажа дека не случајно е една од најнезгодните екипи оваа сезона, па се консолидира пред паузата и намали на 38-32, што најави борба до самиот крај.

Одличната игра Литванците ја пренесоа и во третата четвртина, добивајќи ја со 18-21 за уште поинтересна завршница. Кога се „кршеше“ натпреварот, Спанулис ја презеде одговорноста и не разочара, погодувајќи ја клучната тројка со која натпреварот замина во продолжение. „Жалгирис“ одигра максимално искусно и со убедливи 6:15 ја потврди победата среде Пиреја.

Дејвис со 21 и Пангон со 20 беа лидери кај литванскиот шампион, додека кај Грците се истакна Спанулис со 25 поени и девет асистенции.

Во вториот вчерашен натпревар „Фенербахче“ ја победи „Басконија“ со  82:73 . Вториот меч се игра за два дена, повторно во Истанбул. Домаќинот по првата четртина имаше десет поени разлика, а на полувреме предноста беше 17 коша, 42:26. Во продолжението „фенербахче“ рутински ја одбрани предноста. Турскиот тим до победата ја предводеше Бред Вонамејкер со 16 коша, како и Џејмс Нунали и Јан Весели со по 13 поени. Кај „Басконија“ најефикасни беа Торнике Шенгелиа со 16 и Родриге Беабоис со 13 поени.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.