Затворања и протести низ Европа, СЗО загрижена поради ширењето на Ковид-19

Согласно податоците од Институтот за јавно здравје во претходното деноноќие направени се 3.859 тестирања, 449 се нови позитивни случаи на Ковид-19, 317 се оздравени и 12 починати.

Досега во земјата се направени вкупно 1.446.403 тестирањана Ковид-19.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 211.831,бројот на оздравени пациенти е 195.941, на починати е 7.418, а бројот на активни случаи изнесува 8.472.

Светската здравствена организација (СЗО) е „многу загрижена“ поради ширењето на Ковид-19 во Европа додека континентот се бори со нов бран инфекции, изјави за Би-Би-Си шефот на канцеларијата на СЗО за Европа, Ханс Клуге.

Клуге предупреди дека до март може да се регистрираат околу 500.000 смртни случаи, доколку не се преземат итни мерки веднаш.

Тој рече дека обврската за носење маски може да помогне да се забави пандемијата.

Неколку европски земји забележаа рекордно високи стапки на инфекција, што доведе до делумно или целосно затворање.

Шефот на регионалната канцеларија на СЗО смета дека ваквата епидемиолошка состојба е поради студеното време, недоволно вакцинирани лица и доминацијата на позаразната Делта варијанта на вирусот.

Тој повика на зголемување на бројот на вакцинирани, спроведување на основните мерки за јавно здравје и нови начини на лекување за да се спречи ширењето на болеста.

„Ковид-19 повторно стана главна причина за смрт во нашиот регион“, рече Клуге, додавајќи дека „се знае што треба да се направи“ за борба против болеста.

Клуге смета дека обврската за вакцинирање треба да биде „последна мерка“ на која се прибегнува, но дека би било вистинско време за „правна и социјална дебата“ за ова прашање.

– Пред тоа има и други средства како што се ковид сертификатите, рече тој, оценувајќи дека сертификатите не претставуваат „ограничување на слободата, туку се средство за зачувување на нашата индивидуална слобода“.

Во Загреб вчера се одржа голем протест против ковид потврдите и епидемиолошките мерки.

Демонстрантите се собраа на две места и излегоа на протестна прошетка низ улиците на главниот град на Хрватска.

Холандските здравствени власти,пак, соопштија дека почнале да ги одложуваат операциите за некои пациенти со рак и срцеви болести за да ослободат простор во единиците за интензивна нега поради рекордниот бран на инфекции со Ковид-19.

–Тоа се пациенти кои треба да се оперираат во рок од шест недели по дијагнозата, а тоа нема да биде исполнето во сите случаи, изјави портпаролот на националната организација што распределува болнички ресурси.

Владата на почетокот на ноември повторно воведе задолжително носење маски во продавниците, а минатиот викенд повторно воведе делумно затворање.

Еден ден откако австриската Влада одлучи да воведе карантин за сите граѓани и задолжителна вакцинација од 1 февруари, противниците на корона мерките организираа протести во центарот на Виена.

Илјадници луѓе се собраа во центарот на градот, на неколку локации, а најголемиот собир беше во Хелденплац, каде Слободарската партија на Австрија (ФПО) повика на протест.

Меѓу насобраните беше и еден од првите „антиваксери“, Мартин Рутер, кој рече дека „тоа веќе нема никаква врска со демократијата и дека нема да дозволи наметнување вакцина“.

Собирот го обезбедуваа 1.300 виенски полицајци, кои го контролираа носењето маски, бидејќи учесниците, според важечките епидемиолошки мерки, треба да носат маски ФФП2.