Затворање на Денови на македонска музика со Филхармонија

Деновите на македонска музика ќе бидат затворени со концерт на Македонската филхармонија утревечер во 20 часот во Дом на АРМ. Концертот ќе биде под диригентство на Жолт Наѓ  од Унгарија. Оркестарот ќе изведе три светски премиери на оркестарски дела од македонски автори: Danzacalle за оркестар на Мирослав Спасов, „Магијата на пештерите Карчнер“ за симфониски оркестар на Вања Николовски-Ѓумар и Кончерто гросо за удиралки и два гудачки оркестри на Томислав Зографски.

На почеток на свеченоста ќе бидат врачени и традиционалните награди на СОКОМ.

Добитник на наградата „Трајко Прокопиев“ која СОКОМ ја доделува за животно дело е композиторот Томе Манчев. Признанието „Панче Пешев“ за најдобро изведено или публикувано дело од македонски автор во претходната година оваа година оди во рацете на музикологот Тина Иванова за монографијата „Михајло Николовски – нашиот Папа Франк“. Наградата „Георги Божиков“ која СОКОМ ја доделува за најдобра изведба на македонско дело на минатото фестивалско издание им припадна на Дуото Кировски и на Freiburg Percussion Ensemble од Германија.

На свеченото затворање на манифестацијата, СОКОМ ќе промовира тројца истакнати македонски музички уметници, доајени на македонската музичка култура, во свои почесни членови. Тоа се маестро Фимчо Муратовски – диригент и музички педагог во пензија, Милка Ефтимова – мецосопран и музички педагог во пензија и Јасминка Чакар – пијанист и музички педагог во пензија.