Жолтица во две скопски градинки, контролите засилени

По епидемијата на заразна жолтица во Штип и во Скопје, невообичаена за овој период од годината, во градинките се вршат вонредни превентивни мерки и контроли за спречување на ширење на болеста. Појавата на хепатит А е веќе детектирана во две скопски градинки, но, надлежните одбија да посочат конкретно за кои детски установи станува збор.

Нетпрес неофицијално дознава дека едната градинка е во општината Центар, а другата во Чаир.

Колективите, како градинки и училишта, се особено подложни за брзо ширење на зарази и заболувања, но, сепак, упатените во случајов, коментираат дека постoи мал ризик жолтицата да земе замав во градинките, бидејќи за разлика од училиштата овие установи имаат многу подобри хигиенски услови, што е главен предуслов за превенција од хепатит. Честата дезинфекција на просториите, играчките, редовно менување на постелнина, редовни контроли и брисеви, како и одржување на лична хигиена на децата се редовни мерки утврдени со закон, па оттаму можноста да се јави жолтица се сведува на минимум.

Сепак, за краток временски период, од заразна жолтица во Штип заболеа 30 лица, а во Скопје 72 лица. Не останаа имуни ниту градинките, а допрва ќе се види дали заразата ќе прогресира и во училиштата. Од Министретсвото за образование и наука засега не најавуваат одложување на учебната година поради епидемијата на жолтица во овие два града.

Министерството за труд и социјална политика упати препорака до сите градинки за преземање превентивни мерки, како: темелно миење на рацете пред подготовка и пред консумација на храна, потоа храната да се користи веднаш по подготвувањето, а ако не се употреби веднаш, да се чува на температура од 2 до 8 степени целзиусови (во фрижидер). При повторна употреба да се загрее на температура над 70 Целзиусови степени. Да не се консумира сирова или недоволно термички преработена храна, посебно месо и преработки од месо, непастеризирано млеко, млечни производи и јајца. Сировата и подготвената храна да се чуваат во фрижидер одделно, во посебни заштитени садови, со што ќе се избегне можност за загадување на веќе подготвената храна. Да не се остава подготвена храна на собна температура подолго од 1 час, а свежиот зеленчук, овошјето и салатите да се измијат темелно да се измијат под силен млаз вода.

Според препораките, сите градинки се задолжени да направат дезинфекција, дератизација и дезинсекција на просториите, опремата и дидактичкиот материјал.

Директорката на скопката градинка „13 Ноември“, Лидија Пецева, вели дека поради вонредната ситуација, секојдневно лекарски тим ја проверува здравствената состојба на децата, темелно се чистат сите  простории со дезинфекциони средства, се внимава на личната хигиена на децата, како и на подготовката на храната. Исто така, влезот на надворешни лица е строго ораничен. Всушност, се работи за  редовни процедури во градинката, кои сега се само ставени под засилена контрола. 

Во 15 годишното работно искуство на Пецева во оваа установа, досега не било регистрирано појава на жолтица, се’ до пред два месеци кога ова заболување се јавило кај едно дете, но, изворот на заразата не бил од градинката, туку од неговата мајка која ја имала инфекцијата.

До инфекција со хепатитис А, позната како „болест на валкани раце“, се доаѓа со консумирање на храна или вода контаминирани со вирусот хепатитис А (преку фекално-орален пат на зараза). Затоа ризикот на зараза со овој вирус зависи од хигиенските и санитарните услови за живот. Најчесто се јавува кај деца и млади лица.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.