ЖРК Вардар СЦБТ го освои Купот на Македонија

ЖРК Вардар СЦБТ е победник во Купот на Македонија, откако попладнево во финалето од ова натпреварување го совлада Металург со 33:24.

Ова прв куп-трофеј за Вардар по пауза од две децении, или вкупно втор. Металург го освојуваше трофејот четири пати, сите трофеи му се во последните четири години.

Решавачкиот период во финалето одиграно во СРЦ „Кале“ во Скопје се случи на почетокот од второто полувреме кога вардарки успеаја негативата од еден гол од првиот дел (14:15), да ја претворат во позитива од четири погодока, поведувајќи во 40. минута со 22:18.

Андреа Лекиќ со 6 и Јованка Радичевиќ со 5 голови беа најефикасни во победничкиот состав, а кај гостинките од скопската населба Автокоманда се истакна поранешната македонска репрезентативка Мирјета Бајрамовска со 8 голови.

Пред почетокот на натпреварот раководството на Вардар СЦБТ на своите ракометарки Билјана Црвенковска и Ана Ѓокиќ им додели пригодни подароци по нивната најава за завршување на професионалната кариера на крајот на сезоната.