ЗОИ 2018: Студот предизвикува големи проблеми

Пјонгчанг е окован во студ и мраз на три дена до почетокот на Зимските олимписки игри. Организаторите се соочуваат со големи проблеми за одржување на терените на температури од 20 степени под нулата кои се регистрирани последнава недела.

Се очекува најголеми проблеми да имаат биатлонците при пукањето, додека натпреварите во крос-кантри може да бидат откажани, ако температурата падне под минус 22 степени Целзиусови.

– ФИС има правила, според кои на температура под минус 22 степени натпреварувања по крос-кантри скијање може да не се одржат, ако директорот на трката и лекарот така проценат. За оваа одлука е важно и каква ќе биде влажноста на воздухот. Ако таа е ниска, тогаш трка може да има и на минус 30 степени. Тука, сепак, влажноста е доста висока, изјави Џанфранко Каспер, претседателот на Светската скијачка организација.

Сепак, метеоролозите најавуваат подобрување на времето во Пјонгчанг следните денови и температури околу нулата.

Зимските олимписки игри ќе се одржат од 9 до 25 февруари.