Тематска трибина и средба со Димитар Мирчев во библиотеката „Браќа Миладиновци“

По повод објавувањето на книгата „Идентитет и суверенитет“ од проф. д-р Димитар Мирчев, во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ќе се одржи тематска трибина „Идентитет и суверенитет“.

Трибината и средбата со професорот Мирчев ќе се одржи на 5 февруари во спомен-собата на Миладиновци во Библиотеката, со почеток во 19.00 часот.

За новата книга на проф. д-р Димитар Мирчев ќе говорат проф. д-р Владо Поповски и д-р Владимир Цветкоски, а делови од најновата научна студија на професорот Мирчев ќе интрепретира актерот Томе Витанов.

На трибината ќе се разговара за релациите помеѓу идентитетот и суверенитетот, тема за која во Македонија многу малку се знае, а секогаш предизвикува големо внимание. Новата книга на професорот Мирчев претставува успешно продолжение на двете негови претходни книги кои се однесуваа на балканските национални проблеми и на трите македонски пролети.

Професорот д-р Димитар Мирчев се смета за еден од лидерите на т.н. Македонска либерална пролет. Во 1990 г. активно се вклучува во процесот на осамостојување, независност и плурализација на Република Македонија. Во 1993 г. е именуван за прв амбасадор на Република Македонија во Словенија, а во 1995 г. и во Светиот престол – Ватикан.

Како универзитетски професор и научен работник објавил над 180 трудови, универзитетски учебници, студии, монографии и статии.

фото: Република

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.