Темелко: Како што има Македонци кои имаат документи и државјанство, има и Албанци што гласаат во Македонија во Кичево

Во врска со гласачите од Пустец, градоначалникот на општината Едмонд Темелко зборуваше во своето гостување во емисијата „Ја сакам Македонија“, кој нагласи дека последната година имало револт кај сите Македонци во Пустец, бидејќи дури и лидери на главна политичка партија зборуваа за Пустец.

Последната година имаше револт кај сите Македонци во Пустец, бидејќи дури и лидери на главна политичка партија зборуваа за Пустец. Тоа се осети кај цело тамошно македонско население и беше лошо зашто ние сме тие „виновни“ што некоја партија не доаѓа на власт во Македонија и излегува како Пустец да е поголема од најголемата општина во Македонија, иако има 3.500 активни жители. Неколку пати правевме состаноци и се дискутираше да излеземе со реакција дека не треба да бидеме предмет на политичките битки во Република Македонија. Ние секогаш тргнуваме од тоа дека другите нации ќе кажат како е срамно да се жалиш од својата држава, а се сметаме таму како заштитени и имаме зад нас матична држава. Не можам да се зачудам како може толку да се спуштат и тоа го кажав на едно интервју. Не знам дали ова е некоја антимакедонска кампања, зашто како што има Македонци кои имаат уредни документи и државјанство, има и Албанци што гласаат во Македонија во Кичево. Тоа е апсурд, потенцираше градоначалникот Темелко.

Тој го постави прашањето дали двојното државјанство е доволен повод за некој да биде приведен.