Тендер за концесионер за автопатот Гостивар-Кичево до февруари

Најдоцна до февруари следната година ќе биде објавен повик за концесионер за изградба на автопатската делница Гостивар – Кичево, а градежните работи според плановите во програмата да почнат во 2016 година, најави министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, на попладневното продолжение на седницата за пратенички прашања, пренесува МИА.

Владата, истакна Јанакиески, има поставено висок приоритет за изградба на оваа патна делница.

– Моментно се подготвува пакет кој сметам дека ќе биде прифатлив за идните концесионери. Очекуваме до крајот на годината, а најдоцна до јануари -февруари следната година да се објави повик за наоѓање  концесионер за изградба на автопатската делница Гостивар-Кичево, рече Јанакиески, во одговор на прашање од пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Благоја Деспотовски.

За изградба на хидроцентралата „Бошков мост“ веќе се почнати преговори со изведувачот на работите и очекуваме градежните активности да почнат во април догодина, информира вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.

Во одговор на прашање од пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Момчило Аврамовски, Пешевски  рече дека за изградба на хидроцентралата Шпилје 2 се изработува физибилити студија, којашто ќе биде основа за изработка на главниот проект.

– Нашите очекувања се во јули 2016 година да почне физичка реализација на овој проект, рече вицепремиерот Пешевски, посочувајќи дека двете хидроцентрали ќе бидат значајни за ангажман на работна сила во тој регион и за потребното ново производство на електрична енергија.

Владата, наведе вицепремиерот, настојува да обезбеди услови за рамномерен регионален развој и при презентациите пред странските инвеститиори се кажуваат сите опции. Ќе  продолжиме да носиме инвестици во сите општини, а водиме сметка да првин да бидат понудени опциите каде има поголем степен на невработеност, рече Пешевски, одговарајќи на прашање од пратеникот Фатмир Имеровски.

На прашање од пратеникот од ДУИ Артан Груби, министерот за надворешни работи Никола Поповскии ги коментираше односите на Македонија со Албанија и Косово, оценувајќи оти и со двете соседни држави имаме одлични односи и комуникација.

Според Поповски, проектот за слободно патување и преминување на границите во балкански рамки со лични карти е при крај и би можел да биде една од точките која би  се затворила многу скоро по формирање на косовската Влада. По тој период ќе може да се реализира и иницијативата за заедничка седница на владите, наведе Поповски.

До крајот на годинава најави посета на Тирина, а очекува на почетокот на следната година одржување заедничка седница на владите на двете држави.

Заменик  министерот за земјоделство Ванчо Костадиновскки, во одговор на прашање од пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Сашо Василевски наведе дека една од основните причините зошто општините не можат да го користат делот за развој од програмата за претпристапна помош е отсуството на забрзано носење урбанистички планови во населените места и во руралните средини. Една од мерките во владината Програма за рурален развој која на годишно ниво изнесува две милијарди денари, е наменета за финансирање на урбанистичките планови кои треба да ги изготват општините.

– Има доволно средства, а ако има потреба за уште повеќе како Министерство ќе извршиме пренамена. На општините е да бидат поангажирани, наведе Костадиновски.

Тој укажа дека општините за следната година треба да подготват издржани проекти за да можат да ги користат парите од програмата кои пак ќе им бидат добра база за аплицирање  за останатите средства од ЕУ.

Во текот на седницата пратениците побараа одговори од членовите на Владата за реализација на проекти за изградба и обнова на градинки, училишта, спортски сали, патишта, отворање аптеки во рурални средини.