Тендерот ќе се поништи доколку се утврдат недостатоци во понудата

Жестоки реакции во јавноста предизвика тендерот кој го доби фирма од Србија за централизирана набавка на апарати и реагенси за лабораториите за испитување на крв во Јавните установи низ цела Македонија. Но, и покрај жестоките реакции, министерот Венко Филипче, не се откажува од овој тендер.

Концептот на централизација на медицинските лаборатории ќе има голем бенефит за македонските граѓани и е проект во насока на европски модел кон кој се стремиме со цел реформирање на здравствениот систем и приближување кон модерните европски трендови. Концептот на централни набавки овозможува максимално искористување на средствата а во таа насока Министерството за здравство ќе има можност да ги контролира и предвидува трошоците за тестирање без оглед каде тие се изведуваат“, рече Филипче.

Според него, до крајниот рок за поднесување понуди за тендерот пристигнала само една понуда.

„Во моментот постапката е во фаза на евалуација и се уште не е ниту стигнато до електронска аукција. Од причини што станува збор за тригодишна јавна набавка за тестови и реагенси за хемиски имунолошки, хематолошки и коагулациони анализи и проценетата вредност за истата е висока, но заштедата за буџетот на граѓаните е голема. Доколку не постигнеме заштеда тендерот ќе биде поништен. Целиот процес беше транспарентен и отворен за јавноста а на јавното отворање беа присутни претставници од граѓанскиот сектор и надворешни претставници на компаниите“, рече Филипче.

Тој рече дека доколку се утврди дека документацијата не е во ред и постојат недостатоци во целокупната поднесена документација во однос на понудата, согласно Законот за јавни набавка тоа ќе претставува основ за поништување на тендерот.

„Ги слушаме внимателно и забелешките кои излегоа во јавноста. Главната намера на оваа постапка е да се подобри здравствениот систем, да се направат заштеди и граѓаните да имаат голема придобивка“, додаде Филипче.