Проектот „120 тениски терени“ не застанува

Проектот „120 тениски терени“ не застанува
Основното училиште Кузман Шапкарев  во населбата Драчево е следната дестинација за изградба на единечен тениски терен, за кој денес, директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески и градоначалникот на Општина Кисела Вода, Билјана Беличанец – Алексиќ поставија камен темелник.
Ова е 75-то по ред  тениско игралиште, кое започнува да се гради, како дел од проектот за изградба на 120 тениски терени низ целата држава.  
-Агенцијата за млади и спорт заедно со Владата на Република Македонија продолжува со реализација на капиталните проекти за изградба на спортската инфраструктура во целата држава, со цел спортот да биде достапен на сите и тој да биде приоритет во животот на младите генерации. Од капиталните проекти не е изземена ниту општината Кисела Вода, каде досега се инвестирани околу 66 милиони денари за изградба на 2 спортски сали и 2 повеќенаменски игралишта, истакна Спасески во своето обраќање пред присутните граѓани.
Тој посочи дека во изминатите месеци имаат одлична динамика на реализација на проектот 120 тениски терени, од кои 44 терени се изградени и ставени во функција, а уште 30 терени ширум земјата, се во фаза на градба и се очекува да бидат завршени во текот на летото.
Градоначалникот на општина Кисела Вода, Беличанец- Алексиќ се заблагодари на Владата и на Агенцијата за млади и спорт за сите инвестиции во оваа општина и потсети дека само во изминатата година, населба Црниче и селото Драчево добија повеќенеманески игралишта, како резултат на одличната соработка помеѓу општината и АМС.
-Верувам дека по изградбата, ова игралиште ќе претставува вистинска поддршка за младите луѓе кои сакаат да спортуваат, но и за сите оние кои се вљубеници во белиот спорт – потенцираше, Беличанец – Алексиќ.
Инвестицијата е вредна 6,2 милиони денари, а градежните работи се очекува да финализираат за нешто помалку од 4 месеци. 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.