Тениска училишна лига во Карпош

Општина Карпош, за прв пат оваа година, заедно со тенискиот клуб „Фан тенис клуб“,  организира тениска училишна лига меѓу учениците од школите на нејзина територија.

Лигата во се попопуларниот „бел спорт“ ќе трае преку целата година, а натпреварите ќе се одвиваат секој вторник и четврток на тениските терени, веднаш до Алпинистичка карпа на Кејот на реката Вардар.

Во натпреварите засега учествуваат ученици од осум основни училишта на територија на општина Карпош и тоа: ООУ „Вера Циривири Трена“, ООУ „Јан Амос Коменски“, ООУ „Војдан Чернодрински“, ООУ „Христијан Тодоровски Карпош“, ООУ „Петар Поп Арсов“, ООУ „Димо Хаџи Димов“ и приватното основно училиште „Јахја Кемал“ кое се наоѓа на територија на нашата локална самоуправа.

Инаку, лигата е „отворена“ за нови заинтересирани вљубеници во овој спорт, и во текот на годината ќе можат да се пријават деца-тенисери и од другите основни училишта.