Тензична атмосфера на Централниот Одбор на СДСМ

Синоќешната атмосфера на Централниот Одбор на СДСМ била прилично тензична, велат извори од најголемата опозициска партија. Во еден момент ситуацијата ескалирала кога дел од етаблираните кадри побарале образложение од партискиот лидер Зоран Заев за неконзистентната политика на партијата, пишува „Курир“.

Како што пишува порталот, повикувајќи се на сопствени извори, секој нивен обид да се отвори дискусија бил пречекан на нож од верните приврзаници на Заев, дел од струмичкото крило. Намерата да ги искажат сопствените аргументи наидувала на свирежи, скандирања и пцовки упатени кон нив.

На таканареченото скопско крило во СДСМ му било оневозможено да направат целосна паралела со напуштањето на бојкотот од страна на Заев со неговата кандидатура на локалните избори во 2013, како и да искажат сомнеж во контрадикторноста на одлуката да се учествува во влада која ќе ги организира изборите, а да се најавува нивен бојкот, пишува „Курир“.

Дел од медиумите повикувајќи се на извори од СДСМ веќе објавија дека главната расправа се водела за кредибилитетот на одлуките кои ги носи двоецот Заев-Шеќеринска.

Вие ја урнавте идејата за бојкот на локалните избори тврдејки дека ако бојкотираме ќе ја снема партијата? Дали тогаш беа подобри условите, тогаш имавте верба во изборниот процес или локални се позначајни од парламентарните избори? Дали СДСМ требаше само да ја одбрани градоначалничката функција на Зоран Заев, затоа ли не бојкотиравме локални, а треба да бојкотираме парламентарни избори?, прашувале дел од незадоволните членови на ЦО.

Со постојани дофрлања и надвикување, членовите на Ценралниот одбор кои не размислувале како Заев биле замолкнати и изолирани, постапка која според нашите извори во партијата досега била невидена во пракса на Бихаќка.

Седницата на ЦО следеше по напуштањето на СДСМ на седницата за распуштање на Собранието и откако нивните министри не положија свечена заклетва при изборот на новата влада, очигледно е дека почнува сериозен судир внатре во СДСМ.