Тепачката меѓу Македонците и Африканците во Австралија била поради девојка

Навреда со дофрлување на девојката на еден млад Македонец од страна на Африканец била причината за масовната тепачка што се случила завчера во Перт, Австралија, пишува „Дневник“.

Настанот се одвивал во локалниот парк во населбата Мирабука по што преку повиците на социјални мрежи набрзо се собрале две групи млади Македонци и Африканци, кои почнале жестоко да се тепаат.

„Нашиот сонародник реагирал на навредите кон својата девојка и се случила кавга. Ова не е прва караница што се случува меѓу наши македонски момчиња и Африканци. И порано се случуваа, Африканците тука се многу агресивни и нашите реагираат“, велат за Дневник нашите сонародници од македонската заедница Перт, и додаваат дека на сето ова сигурно влијае и тоа што многу од младите се невработени и со тоа се зголемува агресивноста кај нив.

Во ова населба, инаку, живеат најмногу Македонци, кои се одамна дојдени во овој град во западна Австралија, а се помногубројни се и Африканци од Судан и од Сомалија.

Австралиската полиција ги објави фотографиите од вчерашниот инцидент кој се случи на улиците меѓу Херб Греам и плоштадот Мирабука во центарот на Перт, Австралија, каде што голема група Македонци се истепале со засега неидентификувана група насилници од Африка.

Според известувањата на австралиската полиција, во големата тепачка учествувале триесетина австралиски државјани по потекло од Македонија на различна возраст и десетина Африканци. Полицијата морала да употреби и „бибер-спреј“ за да ги раздвои двете групи. Некои од насилниците биле „храбри“, па се истепале и пред полициска станица и пред седиштето на градскиот суд.