Тепачка помеѓу бегалци во прифатилиште во Германија

Повеќе од 200 бегалци се судрија во прифатилиште во Германија. Ова е трет ваков инцидент неделава, а неколку лица се повредени, јавува Раша тудеј.

Тепачката избувнала вчера помеѓу две големи групи Сиријци и Авганистанци во пренатрупаното прифатилиште за бегалци во Хамбург и траела цел ден и до доцна во ноќта, според локалните медиуми.

Двете групи се напаѓале меѓусебно со железни палки и дрвени делови од мебел, а исто така фрлале и камења.

Во судирите повредени се четири лица. Двајца тинејџери, 16, претрпеле повреди на главата, а повредени се уште едно 18-годишно момче и еден член на обезбедувањето, пишува германски „Билд“ повикувајќи се на информации од полицијата.

Полицијата морала да активира околу 50 припадници за да ја стави ситуацијата под контрола и да ја прекине тепачката во 2 часот по полноќ, а полициски патроли останале на местото се до утринава. Истрагата ги испрашува сведоците и ги утврдува причините за инцидентот.

Засега не се познати причините за тепачката, а досега ниту едно лице не било уапсено.

Уште еден инцидент се случил вчера во друго прифатилиште во Хамбург. Тепачката помеѓу бегалците избувнала откако еден од нив го обвинил соседот дека му го украл мобилниот телефон. Како резултат на овој инцидент четири лица биле уапсени, а потоа пуштени на слобода.