Колумни

Тепих

Тепих

Ѓубре има во секоја куќа. Во домаќинските, домаќините ѓубрето го чистат и го фрлаат. Кај мрзеливите или оние на кои им се брза, па немаат време, ѓубрето го буткаат под тепих. Ѓубре, за тоа барем се сложивме, има секаде.

Особено го има кога се случуваат гозби, забави, тарапани, журки и митинзи.А последниве недели од сето тоа има поприлично. Па и ѓубре се насобрало.

Да почнам со ѓубрето во сопствениот, новинарски двор. Па после останатото.

Насер Селмани и Здружението на новинари – ЗНМ со еден потез ги поништија новинарите и новинарството и ги сведоа на бројки.
Кога дојде денот да ги измерат силите и членството со конкурентската Асоцијација на новинари – МАН, видоа дека ги нема повеќе од 200, наспроти 440 кај МАН, и решија да ги скријат податоците. Излегоа со изјава дека се 500, но не давале податоци дали и колку стварно ги има, затоа што нивните членови се плашеле да се претстават пред јавноста бидејќи имале страв од власта.
Поголем злостор кон новинарска професија, и новинари, нема направено никој, ама баш никој во над двесте години старата историја на денес познатото новинарство. Насер Селмани си дозволи околу 200 новинари, членови на ЗНМ, да станат подземје. Луѓе без лица, без име, новинари без потпис и легитимитет. И тие, зад него, послушно ќутат.

Не им е страв да учествуваат во предизборни кампањи, лично и персонално… да се потпишуваат под опозициски текстови, да се појавуваат со опозициски изјави пред камери, да одат по дипломати овде и во Брисел по проекти и наплата за кодошење на сопствената држава, да седат во совети на општини, во Парламент како опозициски пратеници, да формираат медиуми и работат по весници и сајтови, да излегуваат пред суд потпишани на тужби против свои колеги… Тоа не им е страв, но страв им било да се видело дека се членови на ЗНМ. За атер на илузијата дека ЗНМ е некој фактор, за клинички одржуван живот на тој метузалем, тие новинари се согласија да го отфрлат сопствениот идентитет, дигнитет, интелектуална гордост… и се претворија во бројки.
Кој, во иднина, може да им верува на таквите. Никој.

Сега под нивните текстови во весници или на сајтови нема да стои нивното име. Ќе стојат нивните бројки од, наводните, членски карти во ЗНМ. Како во конц-логор организиран од нивниот Wehrmachtfuhrungsstab и Насер Селмани, лично.

По оваа одлука на штабот, и Селмани, сега лесно може да се види колку членови има ЗНМ. Според тоа колку текстови и изјави на новинари се потпишани со број, наместо со име. Ако нема такви, тогаш ни ЗНМ нема членови. Дури ни тие 200 што ги имал.

ЗНМ направи обид за масовно кршење закон. Имено, законот обврзува секоја таква организација да се легитимира со полн состав, попис и опис на членовите. Од синдикат до партија. А во попис и опис на новинарската работа не спаѓа кршење закон. Фолирањето за страв не држи. Нема ни причина, ни оправдување за тоа. Да имало причина, прво би се криеле членови и функционери на опозициони партии.

Насер Селмани потпиша дека членовите на ЗНМ се ултраопозиција. Подземна. На 200 новинари им потпиша нивна партиска и политичка определба. Трајно.
Не верувам дека членовите на ЗНМ го овластиле за тоа. Напротив.
Секој новинар има право да пишува опозиционо. И провладино. Има право и тоа право се користи. А под тој став секој од нас се потпишува. Како човек. Не со број.
Јас верувам дека оваа власт врши позитивни и корисни работи за овие граѓани и за оваа држава. Македонија. Тоа е моја проценка според информациите кои ги имам и мој став, на кој имам право. И тоа право го користам. Како што го задржувам своето право кога оваа власт ќе ја загуби својата сегашна политика својот став кон нив да го сменам.

ЗНМ го поништи правото на личност, на став и потпис. Селмани зборува во нивно име, а тие се должни да ќутат и да го следат. Тие, неговите, безимените.
ЗНМ им го одзема на новинарите и правото да работат и да заработуваат во законски рамки, како што можат сите други граѓани на ова држава. Ако не си од нивните, од безимените, правата ти се лимитирани. А прогонот и гонењето обавезни.

Случајот Висарис, јавната набавка во Министерството за здравство, и хајката која безимените од ЗНМ помогнати од полуадвокатот, а полупортпарол на СДСМ, Шилегов… ја тераа против новинарката Ивона Талевска е фашистички. Секој може да работи она што законот дозволува, освен ако не е Евреин. Е, Евреите не смеат што другите можат.
Не ги интересираше што таа новинарка нема никаква допирна точка со јавната набавка. Ама баш никаква правна релација. За Евреите е забрането. И точка. Ако може приказната да се употреби во корист на СДСМ, тогаш тие ја тераат. Како и секогаш.

Но, случајот Висарис, и таа јавна набавка, е подлабок од нивната приказна.
Имено, со договорот кој Здравство го има со Висарис, наместо класичните рендген филмови, кои се исфрлаат, записот се врши електронски. Без употреба на рендген филмовите. Договорот за машините кои го обезбедуваат тој, во Европа стандарден систем, е еден милион евра за период од четири години од една болница.

После овој договор, Македонија заштедува над три милиони евра годишно, колку што се троши за класичните рендген филмови. За четири години тоа се над 12 милиони евра заштеда во здравствениот систем. Или повеќе отколку што е потребно за да се реновира, од корен, поранешната воена болница, од темел до плафон.
Досега рендген филмови, воглавно, продавала една македонска фирма. За неа тоа е зијан од три милиони евра годишно или 12 милиони евра за четири години. Тоа се многу пари. За Македонија тоа се ептен мнооооооогу пари. Повеќе од 12 милиони евра.

Таа фирма, традиционално позната како блиска до СДСМ, за спас на своите 12 милиони евра е спремна на многу плаќања под маса. И меѓу новинари, и меѓу лекари, функционери, медиуми… да има за сите, а пак многу да остане за нив.
Тоа што фирмата е традиционално блиска до СДСМ не мора да значи дека за спас на бизнис од 12 милиони евра, и уривање на договорот со Висарис, нема да побара и да добие соработка и на други страни. Со 12 милиони евра на маса многу нешта се можни. Што би рекле Бугарите, што не се решава со пари, се решава со многу пари.

И со многу пари на маса фирмата нашла соработници. Што може да се види од текот на настаните, како и од финалето на истите. А финалето е дека по хајката против новинари, Висарис треба да ја загуби работата, а ние да се вратиме на старите рендген филмови. И да платиме 12 милиони евра од јавните пари. А не сме морале да платиме.
Така, ЗНМ, соросоидите и СДСМ си истераа циркус за свој ќеф, а ние за тој нивни ќеф ќе платиме округло 12 милиони евра. Од наши пари.

Бламот е и во тоа што ова утерување 12 милиони евра на сметка на една фирма го правеа и новинари. Безимените од кампот на Насер Селмани. Изрекетираа здраво. Дали беa свесни за ова, дали беа некои од нив платени или не… е нивни проблем, и нивна совест. Крајниот резултат е дека 12 милиони евра од јавна сметка – ќе ги нема.

Политиката игра мајтап со новинарите и нивната моќ. Треба ли да ги потсетам безимените кога една банка преку новинари блиски до неа и СДСМ за месец дена лажно информирање за наводна продажба на банката ги кренаа акциите и газдите на таа банка заработија 7 милиони евра, преку ноќ. Банката, нормално, не беше продадена.

Премногу ѓубре се собра во дворот на новинарите. Во најголем дел тоа се остатоци од употребени, изедени новинари, кои ја поминале ректалната обработка.
Десет години на ЗНМ им нудам обединување на новинарите. Двете здруженија да потпишат спогодба за соработка, да утврдат барем пет-шест заеднички цели и да формираат заедничка комисија која тие ќе ги спроведува. Комисијата да има овластување секој отворен конфликт меѓу новинарите да го реши со исклучување на учесниците од членство во двете новинарски организации. Да нема војни и судири, туку соработка. Ние кои сме сега во раководството на двете организации да се повлечеме, а да помагаме од страна во првата година ова заедничко функционирање да заживее и да проработи… ЗНМ и Насер Селмани ова не го прифаќаат. Имаат обврски кон некој трет. Тераат туѓи агенди.

Кога се 12 милиони за рендген филмови на маса, моите аргументи се слаби.
Има многу ѓубре во новинарскиот двор кое се бутка под тепих.

Јас не сум Аладин кој ќе ги качи сите на тепихот и килимот ќе полета во некои други времиња, и во некој поубав свет. А и немам замена за 12 милиони евра од рендген филмовите. За 5 милиони евра од Сорос фондовите. И 3 милиони евра од дипломатите…

Драган П. ЛАТАС за Вечер