Тер Стеге од 30 јуни нов голман на Барселона

Ако им се верува на шпанските медиуми, тогаш младинскиот репрезентативец на Германија и прв голман на германскиот бундеслигаш Борусија од Менхенгладбах, Марк тер Стеге, на стартот од летниот преоден рок и официјално ќе биде претставен како најнова милионска аквизиција на каталонскиот гигант Барселона.

Фудбалските медиуми во Шпанија денеска ја пласираа информацијата дека двата клуба постигнале договор околу трансферот на Тер Стеге, а најверојатно, Борусија од Менхенгладбах ќе заработи околу 12 мил. евра од продажбата на талентираниот голман.

Младинскиот репрезентативец на Германија треба да потпише петгодишен договор со актуелниот шампион на Шпанија, а таквиот договор му гарантира годишна плата од 2.5 милиони евра.