Tерапевтско пливање за лицата со посебни потреби

Денеска во општина Аеродром беше промовирано здружението „Дајте ни крилја“ кое организира низа активности како терапевтско јавање, бал на различности и часови по терапевтско пливање за лица со посебни потреби.

– Со програмата на здружението се зголемува свеста на жителите за односот на луѓето кон лицата со посебни потреби. За оваа група на луѓе има потреба да се организираат повеќе спортски активности, како што е и терапевтското пливање, кои ќе влијаат на подобрувањето на нивното здравје, како и инклузијата, т.е. нивната социјализација и вклучување во општеството. Затоа програмата терапевтско пливање има огромно значење и бенефит за овие деца, е наведено во соопштението од општина Аеродром.

Корисници на оваа обука, како што е наведено, се лица со посебни потреби и нивниот број секојдневно се зголемува затоа што ова е единствена спортска активност во нашата држава која ја спроведуваат стручни лица.

– Преку методите на оваа програма се овозможува подобрување на психофизичката состојба на лицата со хендикеп, особено на оние кои имаат дијагноза на Даунов синдром, аутизам, церебрална парализа итн. Водата како средина пред сѐ ги релаксира мускулните групи, а преку комплекс на вежби ги зајакнува оние мускули кои децата на суво и во секојдневието не можат да ги активираат заради нивната попреченост, се додава во соопштението.

Во текот на последните четири години здружението „Дајте ни крилја“ има организирано три семинари и еден конгрес по терапевтско пливање со предавачи од Србија и Холандија.