Тереза Меј: Борис Џонсон не може да го наследи Камерон

Британската министерка за внатрешни работи Тереза Меј, која денеска во Лондон и формално ја објави својата кандидатура за нов лидер на Конзервативната партија и иден премиер на Велика Британија, ја отфрли можноста фаворизираниот Борис Џонсон да го наследи Девид Камерон.

Во своето обраѓање, Меј рече дека Џонсон никако не би можел да разговара и да преговара со ЕУ.

– Кога последен пат, како градоначалник на Лондон, преговараше со Германците, од таму донесе три водени топови, рече Меј.

Станува збор за одлуката на поранешниот градоначалник да купи водени топови, за да се пресмета со насилните студентски протести во 2011 година.

Таквата одлука на Џонсон предизвика силни протести во британската јавност, затоа што британската и лондонската Метрополитен полиција не користат солзавец и водени топови, при улични немири.

Владата се огради од одлуката на градоначалникот Џонсон, а Тереза Меј како шеф на британскиот Хоум Офис забрани топовите да се изнесат на улиците и да се употребуваат против демонстрантите.

Во своето прво обраќање како официјален кандидат за партиски лидер и премиер. Меј рече дека останува на својата позиција дека Велика Британија треба да биде дел од реформираната ЕУ, но во услови кога гласачите се определија за Брегзит, тоа мора да се почитува.

Таа изјави дека преговорите за раздружување, според членот 50 од Лисабонската спогодба, што треба да го отвори Велика Британија, ќе почнат тогаш кога британската Влада ќе изготви стратегија за преговорите.

– Тоа никако не може да се случи пред крајот на оваа година, рече Меј.

Актуелната министерка, според лондонските медиуми, би можела да ги обедини конзервативците многу повеќе од Џонсон и другите кандидати, затоа што е шест години министер во Владата, а во кампањата за референдумот, остана длабоко во сенка, надвор од јавните настапи и јавното определување.

Во редовите на конзервативците таа се означува како новата „челична леди“ и како вистински наследник на Маргарет Тачер.

Во првиот говор, таа навести формирање посебно министерство за преговорите со ЕУ, на чие чело како што најави, би поставила министер од редовите на групата за Брегзит.