Тереза Меј: Брегзит не ми дава ноќе да спијам

меј

Во интервју за неделникот „Сандеј Тајмс“ Меј вели дека постојат голем број предизвици со кои се соочуваат Владата и Велика Британија, откако на референдумот од 23 јуни, мнозинството гласачи се определија за напуштање на ЕУ, кои не и дозволуваат ноќе да спие.

Меј ја уверува домашната јавност дека е определена за тоа дека мора да се спроведе волјата на гласачите, како и дека Владата мора да стори се за да Британија биде земја на сите кои живеат во неа.

„Оваа Влада, сега по референдумот, има сосема поинаква улога, вели Меј, мислејќи на подготовките за тешките преговори со ЕУ, околу раздружувањето, како и околу одржувањето на економската кондиција на земјата, во текот на преговорите и по излегувањето од Унијата.

Премиерот Меј е категорична дека Владата ќе се избори за „успешен Брегзит“, но предупредува на големиот број различни предизвици.

Станува збор за навистина многу компликувани прашања што треба да се разрешат, рече Меј за „Сандеј Тајмс“.

Ова е прв пат, Меј која го наследи Дејвид Камерон на премиерската функција, по неговата оставка, по поразот на референдумот, да зборува за некој медиум, отворено за неизвесноста што ја носи Брегзит.

Преговорите со ЕУ би требало да почнат до март 2017 година, откако Владата во Лондон ќе го покрене член 50 од Лисабонската спогодба, со кој е регулирано излегувањето на една земја членка од Унијата.

Се предвидува преговорите да траат две години, но Владата се уште нема решено за каков Брегзит ќе се определи, затоа што е поделена околу тоа прашање.

Антиевропската група кај конзервтивците и нивните министри во Владата, е за „тврд“ Брегзит, затоа што според нив, Британците на референдумот, гласајќи за излегување од ЕУ, се определиле и за напуштање на заедничкиот пазар на Унијата.

Другата група ториевци смета дека за земјата е подобро да се спроведе „мек“ Брегзит , што би значело останување на Британија, во некоја форма, на заедничкиот пазар.

Првите се категорично за ограничувањето на слободното движење на работната сила од земјите-членки на ЕУ, додека другите се подготвени за тоа да се направи некаков компромис.