Терминал за брза наплата – решение за шалтерските турканици при плаќањето сметки

Компанијата PayNet за првпат на македонскиот пазар понуди најсовремен, безбеден и иновативен систем за ефикасна наплата на сметки преку платежни терминали. Тие содржат единствено решение за сите потреби за плаќање на режиски сметки, како на пример, сметки за водовод и канализација, радиодифузна такса, за мобилна и фиксна телефонија, кабловска телевизија и интернет од операторот One и од Blizoo, како и за плаќање на јавни давачки – такси, казни и даноци.

Начинот на плаќање е првенствено во готовина, но на кориниците им се нуди и алтернатива, односно можност да креираат своја виртуелна сметка или „е – паричник“ во системот на PayNet. Тие тука ќе можат да ги зачуваат своите парични средства преку терминалот, со внесување на готовина, или преку платежни картички, и слободно да вршат електронски трансакции. Наплатата се врши на едноставен начин, а просечното време на трансакција е помалку од една минута. Исто така, плаќањето сметки е овозможено и на веб страната на PayNet Македонија и преку мобилна апликација.

Платежните терминали се достапни 24 часа и 365 дена во годината, а ќе бидат поставени на територијата на целата земја, најпрвин во централните градски подрачја, а потоа и во руралните области.

Станува збор за високо безбеден уред за самоуслужување кој функционира многу едноставно. На мониторот на платежниот терминал се врши избор на услугата за која се врши плаќањето, а потоа се внесува корисничкиот број од сметката или бројот на фактура. Во терминалот се внесува готовина, брзо се процесира наплатата, по што излегува испечатена потврда за извршено плаќање. По завршување на тансакцијата, која трае помалку од една минута, се добива конфирмација за извршеното плаќање на сметка по пат на смс порака.

Сигурносниот систем на платежниот терминал, кој е особено важен, е изработен на интерна ИТ-мрежа, со безбедносна камера со која се снимаат сите трансакции и активности, има вградени аларми, а постојат и посебни безбедносни процедури за реконструкција на трансакцијата.

– Секојдневно, голем дел од граѓаните во Македонија се оптоварени со чекање во долги редици за да платат сметки. Нашата цел е да го решиме овој проблем и да го направиме процесот на плаќање многу полесен, посигурен и да овозможува комодитет. Нашиот систем е наменет за сите граѓани – за оние кои го преферираат користењето на готовина ги воведовме платежните терминали, а за оние кои веќе користат платежни картички и електронско банкарство за плаќање сметки го воведовме е-паричникот. Kреиравме и бесплатна мобилна апликација (за iOS и Android) и веб страна за граѓаните да имаат полесен пристап до својата сметка. PayNet постојано работи на обезбедување на нови услуги и функционалности на системот, изјави Темирмалик Шомансуров, извршен директор на PayNet, Македонија.

Платежните терминали функционираат по модел базиран на провизија која се наплаќа од процесираната сума. Најголем дел од услугите се без провизија, односно истата се наплаќа од страна на давателите на услугите (компаниите). Но, постојат и услуги за кои се наплаќа провизија од корисниците, односно тие што го вршат плаќањето. Станува збор за јавни давачки – такси, даноци и слично, за кои генерално се наплаќа провизија и на веќе постоечките наплатни места (испостави, банки, пошта). За подетални информации околу висината на провизиите на платежните терминали корисниците можат да се информираат на веб страната на PayNet Македонија.

Средствата за плаќање од платежните терминали директно се процесираат преку една од водечките банки кај нас, НЛБ Тутунска банка, а воедно и целиот проект е овозможен во соработка со оваа банка.

„НЛБ Тутунска банка, како современа банка што континуирано ги следи новите технолошки достигнувања, во рамките на проектот за плаќање сметки на платежни терминали, се јавува како банка-партнер и поддржувач на ова иновативно решение. Во PayNet препознавме технолошки напредна компанија подготвена за примена на современи самоуслужни решенија кои овозможуваат поголема достапност како и поедноставен и побрз пристап. Клиентите, особено младата генерација, брзо ги прифаќа новитетите што им се нудат, поради бројните придобивки кои ги носат, односно заштедуваат време и средства, достапни се до клиентот 24 часа и седум дена во неделата. Тие се безбедни решенија што овозможуваат едноставно, прегледно и лесно користење“, изјави Игор Давчевски, Директор на сектор за платни системи во НЛБ Тутунска Банка АД Скопје.