Поради обид за терористички напад откажан натпреварот Германија – Холандија

Поради обид за терористички напад откажан натпреварот Германија – Холандија. Пријателскиот натпревар меѓу националните тимови на Германија и Холандија беше откажан, а стадионот евакуиран, откако полицијата нашла амбулантна кола „полна со експлозиви“ пред стадионот во Хановер, објавуваат локалните весници цитирајќи полициски извори.

Натпреварот бил откажан од безбедносни причини. Одлуката за откажување на натпреварот била донесена час и половина пред почетокот на мечот.

Од гледачите, кои веќе биле седнати на своите места, преку звучници било побарано да го напуштат стадионот. „Тргнете се од стадионот“, викала полицијата. „Не стојте во место.“

Директорот на полцијата во Хановер, Фолкер Клуве прецизирал дека полицијата добила дојава дека терористите се обиделе да влезат на стадионот во амбулантно возило полно со експлозиви.

-Постоеше конкретна опасност за цел Хановер. Имаше конкретни планови да се предизвика експлозија, изјави Клуве за германската телевизија Скај спорт и додал дека било планирано експлозијата да се случи на стадионот.

На натпреварот, кој требаше да почне во 8.45 по локално време, требало да присуствуваат германската канцеларка Ангела Меркел и други членови на нејзиниот кабинет.

Има информации дека Меркел веќе била дојдена на стадионот кога натпреварот бил откажан.