АНАЛИЗА: Тероризмот во Германија – успешни и спречени исламистички напади

германија тероризам

Во понеделникот, на 19 декември, во околу 20 часот (по локално време) камион влета во толпа луѓе на традиционален божиќен базар во федералната германска престолнина Берлин. Неколку часа подоцна, берлинската полиција соопшти дека станува збор за „наводен терористички напад“. Веќе следното утро беше соопштено дека превозното средство „намерно се насочило кон толпата луѓе“.

Во изминатава година, безбедносните структури на Германија уапсија десетици приврзаници на блискоисточната радикална групација „Исламска држава“ и спречија дузина обиди за терористички напади на територијата на целата држава. Но, некои сепак не беа избегнати, анализира „Дојче Веле“, пренесува Нетпрес.

Терористичките напади, кои не беа спречени

Во февруари, годинава, петнаесетгодишна Мароканка со нож нападна полицаец на железничката станица во Хановер, додека службеното лице и’ ги проверувало личните документи. Полицеацот беше тешко повреден во вратот. Истражните органи презентираа верзија, според која, младата девојка се радикализирала кон крајот на 2015 година, кога стапила во контакт со терористи од „Исламска држава“, кои ја врбувале да изврши напад во Германија.

Летово, во Германија беа извршени два терористички напади. На 18 јули седумнаесетгодишен бегалец од Авганистан, вооружен со секира и со нож, во регионален воз нападна патници. Четворица беа тешкоповредени. Напаѓачот беше застрелан при обидот да биде уапсен. Одговорноста ја презеде „Исламска држава“.

На 24 јули, дваесет и седумгодишен Сириец се саморазнесе со експлозив во центарот на баварскиот град Ансбах, за време на музички фестивал. Настрадаа 15 лица. Загина и напаѓачот. Според видео, објавено на Интернет, нпаѓачот се декларираше како член на радикалната група „Исламска држава” и октрива дека планирал терористички напад. Претходно неговата молба за политички азил во Германија била отфрлена. Сириецот добил рок за депортација, а властите подготвувале негово присилно враќање во Бугарија.

Терористичките напади, кои беа спречени

Од крајот на 2015 година, германските безбедносни служби успеаа да осуетат неколку напади, во различни нивоа на планирање. Во декември, лани, полицијата задржа три лица, кои подоцна беа обвинети за тероризам и за создавање на терористичка ќелија и за подготовка на серија напади во Германија. Според обвинителството, уапсените почнале подготовки во есента во 2015 година, а првиот напад бил планиран да биде извршен во Берлин.

Минатата новогодишна ноќ, германската полиција изврши евакуација на централната железничка станица во баварската престолнина Минхен, а истовремено и на една локална станица во западниот дел на градот. Дејствијата на властите беа поврзани со добиена информација за планови за активирање на експлозивни направи. Нападите требало да ги изврши група од пет до седум бомбаши самоубијци, од ирачко и сириско потекло, по наредба на „Исламска држава“.

Во февруари, годинава, германската полиција изврши серија апсења во неколку федерални провинции. Четворица од приведените планирале напади во Берлин, соопштија истражните органи. Сопружници од Алжир биле под истрага во нивната родна земја, поради сомненија дека се припадници на „Исламска држава“.

Во јуни, годинава, беа приведени тројца Сиријци, кои според информации на германските власти, подготвувале терористички напад во Дизелдорф. Плановите им ги открил четвртиот учесник во заговорот, кој и’ се предал на полицијата. Двајца од групата планирале да се саморазнесат со експлозив во центарот на градот, а останатите двајца да пукаат со огнено оружје во случајни минувачи. Еден од уапсените бил во врска со „Исламска држава“, а друг со „Џабхат ан Нусра“.

Во август, годинава, во Северна Рајна Вестфалија, беа уапсени три лица, кои планирале терористички напад на фудбалски натпревар од германскиот шампионат. Истовремено беа уапсени членови на „Исламска држава“, кои планирале слични напади, исто така на меч од Бундеслигата.

И накраја, во октомври, годинава, во Лајпциг уапсен е Сириецот Џабер ал Бакр, по серија неуспешни обиди на полицијата да го открие бегалецот. Младото момче, кое од германските власти добило статус на бегалец, било фатено во подготовка на терористички напад, а било поврзано и со „Исламска држава“. Во неговиот дом бил најден и експлозив. Подоцна германските полицајци приведоа уште две лица, кои биле вмешани во планот. Сириецот никогаш не седна на обвинителна клупа во судница, бидејќи се обеси во притвор, неколку дена по неговото апсење.

Приведувања на симпатизери на „Исламска држава“

Не секогаш апсењето на членови на „Исламска држава“ се поврзани со планови за терористички напади. Германските безбедносни служби извршија приведувања на дузина џихадисти, кои во Германија се вратиле по учество во воени дејствија во Сирија.

Под сомнение за поврзаност со „Исламска држава“, во Германија во октомври, лани, беа уапсени три лица, во ноември и декември, истата година – по едно лице. Во следните неколку месеци во затвор завршија уште осомничени – двајца во март, тројца во септември, а во ноември дури шест лица. Дваесет исламисти беа фатени и во редовите на германската армија, а уште 60 беа под истрага на безбедносните сили.

Министерот за правда на Германија, Хајко Маас, откри во јули, годинава, дека обвинителството води истрага за „околу 120 случаи против 180 лица, осомничени за припадност или за давање поддршка на терористички групи“, најчесто „Исламска држава“. Но, во земјата има многу повеќе лица, кои се потенцијална закана за безбедноста на граѓаните.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.