вторник, 27 јуни 2017  |  Вести денес: 54

АНАЛИЗА: Тероризмот силно ќе ја тресе Турција и во 2017

Најголема безбедносна закана за Турција претставуваат „Исламска држава“ и Курдската работничка партија (ПКК), сметаат експертите

турција

Поврзани вести

По неуспешниот државен удар во Турција, кој се случи во јули, 2016 година, властите во оваа земја почнаа со воени акции во соседна Сирија, со цел да ги истераат терористите од „Исламска држава“, од својата граница.

Освен тоа Турција ја засили и кампањата против курдските сили во југоисточниот дел на земјата, како и во северен Ирак. Според експерти, „Исламска држава“ и Курдската работничка партија (ПКК) претставуваат најголема безбедносна закана за Турција, пишува „Дојче Веле“, пренесува Нетпрес.

Разрешувањето на ситуацијата во Сирија оди добро, но има и еден скриен дел. Има големо несогласување меѓу САД и Русија на запад од Еуфрат, а кулминацијата на таа борба е слична како на онаа од деновите на Студената војна. Недостатокот од контрола во Сирија, и фактот дека нема никаква контрола на оружјето и тоа што терористите се движат слободно, ќе ни штети уште повеќе, вели експерт по безбедност и тероризам од Турскиот Центар за меѓународни односи и стратешки анализи.

Политиката во Сирија и во Ирак

Во Сирија во тек е примирје, кое стапи на сила на 30 декември. Државата е зафатена од граѓанска војна, која избувна во 2011 година и конфликтот има директно влијание врз безбедноста на соседна Турција.

Истовремено, ирачката армија се обидува да го освои градот Мосул, кој е под контрола на на „Исламска држава“. Анкара, пак, смета дека ситуацијата во градот е голема закана за нејзината безбедност и бара начин да добие поголема улога во операцијата.

Нихат Али Озкан, експерт за безбедност и професор на Турскиот универзитет за економија и технологии потенцира дека 2017 година нема да биде добра година за безбедноста на Турција.

Има многу активни терористички организации во Турција и тие работат едни против други, но работат и против државата и против општеството. Од една страна Курдската работничка партија и „Исламска држава“, и од друга страна забранетата „Револуционерна народна ослободителна партија“. Сите тие се многу активни, вели Озкан.

САД и Европската унија, како и Турција, ја вклучија „Револуционерната народна ослободителна партија“ на листата на терористички организации.

Чистката може да предизвика реакции

Според Озкан, чистката која ја спроведуваат турските власти по неуспешниот државен удар, може исто така да претставува закана за безбедноста.

Има некои проблеми со државните институции. Многу луѓе се под истраги или приведени, и тоа припадници на жандармеријата, армијата, полицијата, судството, но и институции, пред се’ поради поврзаност со движењето на Ѓулен, вели експертот.

Тој посочува и дека дополнителен проблем е и тоа што турските власти политизирале важни државни позиции.

Кога ќе се земе во предвид сето тоа, сметам дека годинава безбедноста ќе биде значителен проблем за нас, вели тој.

Советот на Европа, водечката организација за човекови права, во која членува и Турција, минатиот месец објави дека повеќе од 125.000 лица во земјата биле разрешени од своите позиции, а дури 40.000 биле задржани за време на чистката по неуспешниот воен удар.

Пораката од терористичкиот напад во Истанбул

Месут Хаки Касин, предавач по меѓународни односи и експерт за меѓународен тероризам и стратегија за безбедност, смета дека прецизноста на новогодишниот напад во ноќниот клуб во Истанбул, во кој беа убиени 39 лица, значи дека тој бил однапред испланиран. Фактот, пак, дека е извршен на полноќ, според него, испраќа јасна порака за 2017 година.

Сметам дека тоа сигнализира оти во 2017 година тероризмот многу ќе ја мачи Турција, вели тој.

Во понеделникот „Исламска држава“ презеде одговорност за терористичкиот напад и дополни дека тој е одмазда за военото вмешување на Турција во Сирија, опишувајќи го ноќниот клуб како место каде се собираат христијаните за да прославуваат.

Лани, имаше неколку терористички напади на територијата на Турција, а „Исламска држава“ е одговорна за половината од нив.

Курдски тензии

Минатиот месец имаше две експлозии на бомби пред фудбалски стадион во Истанбул, во кои беа убиени 44 лица. Автомобил-бомба уби 13 војници, една недела подоцна, во Кајзери. Курдските сили преземаа одговорност за двата напади.

Откако во јули 2015 година заврши двегодишното примирје, Анкара продолжи со судири со членовите на Курдската работнилка партија, која САД, ЕУ и Турција ја сметаат за терористичка организација.

Тензиите повторно се зголемија откако пратеници на прокурдската Демократска партија на народите беа уапсени, а исто така беше приведен и еден локален градоначалник од оваа партија во југозападниот дел на земјата. Озкан очекува во текот на пролетва нападите на ПКК да се зголемат.

Што се однесува до ПКК, изгледа дека тензиите ќе се зголемат, исто како и терористичките напади, посочува експертот и дополнува дека досега било мирно само поради метеоролошките услови.

Најчитани вести