Терзиќ заминува од Вардар, Ла Риоха е неговиот следен клуб

Стефан Терзиќ, десниот бек на Вардар следните две сезони ќе игра во Логроњо во Шпанија. Договорот со второпласираниот тим во АСОБАЛ лигата е веќе потпишан, и Терзиќ треба да биде големо засилување за екипата која и сега настапуваше во Лигата на шампионите, и беше елиминирана во осминафиналето.

На местото на Терзиќ во Скопје од следната сезона ќе игра Шпанецот, Хорхе Македа, па за Терзиќ и Владимир Петриќ нема место во тимот. За следната сезона во Вардар треба да дојдат и Деревен, Марсениќ, Манасков, Циндриќ. Заминуваат Растворцев, Чипурин, Марковиќ, Петриќ, Прибак и Терзиќ.

Терзиќ дојде во Вардар во 2013 година откако “црвено-црните” ја освоија титулата во Македонија. Со вардарци ја освои СЕХА лигата, двапати стигна до четврт-финалето на ЛШ, Купот на Македонија.

Претходно со екипата на Хамбург беше и европски првак. Иако на натпреварите од домашното првенство и СЕХА лигата добиваше минутажа, на натпреварите од ЛШ, повеќе беше на клупата, и сезонава постигна само 2 гола, против Рајн Некар во Германија. Во СЕХА лигата постигна сезонава 58 гола од 102 обиди.

Во Логроњо во моментов настапува и Аце Јоноски, по егзодусот на играчи што заминаа од Металург, и неизвесно е дали македонскиот репрезентативец ќе остане во Шпанија.