Тешка победа на Французите, Швајцарија и Португалија ќе решаваат во последното коло

Откако во претходното коло неочекувано киксираа на домашен терен против аутсајдерот Луксембург (0:0), фудбалерите на Франција во саботата вечерта кај Бугарија славеа со тесни 1:0, и го задржаа првото место во Групата А со бод пред Шведска, а имајќи предвид дека во последното коло ја пречекуваат Белорусија имаат шанса директно да се пласираат на Светското првенство кое следната година ќе се игра во Русија.

Французите поведоа со голот на Матуиди во 3 минута, но подоцна Бугарите воспоставија рамнотежа но не успеаја да ги доизградат неколкуте добри прилики посериозно да го загрозат противничкиот гол, па на крајот се радуваа „триколорите“, бидејќи уште еден освоен бод ќе ги поставеше во сложена ситуација пред последното коло.

Во истата група Шведска очекувано го совлада Луксембург дури со 8:0. Четири голови постигна Маркус Берг.

Холандија на гости славеше против Белорусија со 3:1, но тоа малку ќе им значи во борбата за втората позиција во групата и дополнителните квалификации поради тоа што имаат многу полоша гол-разлика од Шведска, против која инаку играат во последното коло. Така, Холанѓаните, коишто се трикратни светски вицепрваци, ќе го пропуштат второто големо натпреварување со ред, откако минатата година отсуствуваа и од Европското првенство во Франција.

Во Групата Х Белгија во Сараево допатува без императив бидејќи веќ за е претходно го обезбеди пласманот на мундијалот. На легендарната „Грбавица“ беше одигран „луд“ меч во кој гостите поведоа уште во 4 минута преку Томас Менуер. Но следеше целосен пресврт па Босна и Херцеговина прво изедначи преку Харис Медуњанин во 30 минута, а Един Вишча во 39 минута донесе водство за домашните од 2:1.

Во второто полувреме имаше повторно пресврт, но овојпат за Белгијците. Мишу Батшауеји во 59 и Јан Фертонген во 68 минута им донесоа водство на гостите од 3:2. Меѓутоа, голеадата во Сараево не беше завршена: по корнерот во 82 минута Дарио Думиќ донесе изедначување за БиХ на 3:3. Сепак, само минута подоцна Караско ја доведува Белгија во ново водство од 4:3 што беше и конечниот резултат.

Додека БиХ со поразот ги избриша сите шанси за дополнителните квалификации, таа можност не ја пропушти Грција, којашто на гости го совлада Кипар со 2:1, и тоа се целосен пресврт откако поведоа домаќините. Грција сега има два бода предност од БиХ и во последното коло го пречекува аутсајдерот Гибралтар. Оваа селекција којашто нема ниту еден бод загуби од Естонија со 0:6.

Во Групата Б Швајцарија ја победи Унгарија со 5:2, и го задржа стопроцентниот успех, а Португалија го скрши отпорот на Андора дури во второто полувреме по влегувањето во игра на Кристијано Роналдо кој го постигна првиот гол во победата од 2:0. Во последното коло Португалија ја пречекува Швајцарија и доколку победи директно ќе се квалификува за шампионатот, додека Швајцарија ќе игра во дополнителните квалификации.

Во оваа група без натпреварувачко значење Фарски Острови и Латвија одиграа без голови.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.