Тешки обвинувања од меѓународната заедница за Човиќ и Додик

Канцеларијата на високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина и амбасадите на највлијателните западни држави во оваа земјата вчера отворено ги обвинија ХДЗ БиХ и Сојузот на независните социјалдемократи (СНСД) за намерно опструирање на донесувањето на измените на Законот за кривична постапка, а лидерите на овие партии, Драган Човиќ и Милорад Додик за однесување кое го поттикнува ширењето на криминалот и корупцијата во земјата.

Во заедничката изјава, амбасадите на Канада, Франција, Германија, Јапонија, Холандија, Шпанија, Турција, Велика Британија, САД, Канцеларијата на високиот претставник и Мисијата на ОБСЕ во БиХ ја истакна длабоката загриженост „поради очигледниот факт дека во ХДЗ БиХ и СНСД не постои вистински интерес во спроведувањето на одлуките на Уставниот суд за Законот за кривична постапка“.

Јасно е дека тие не се загрижени за тоа што нивната неактивност сериозно ќе ја поткопа борбата против корупцијата и организираниот криминал во БиХ. Овие партии, преку амандмани предложени од страна на ХДЗ БиХ, се борат за донесување на измени на Законот за кривична постапка кои не се во согласност со меѓународните стандарди, а се противат на измените кои ги исполнуваат овие стандарди и кои би обезбедиле ефикасно функционирање на судовите и обвинителствата на државно ниво. Покрај тоа ХДЗ БиХ и СНСД оздавале процедурални пречки за донесување на секоја измена и дополнување на законот за кривична постапка , се вели во соопштението.

Уставниот суд на БиХ претходно ја оспори уставноста на некои одредби од Законот за кривична постапка кои се однесуваат на примена на посебни истражни мерки во сложени истраги насочени против организираниот криминал, корупцијата и тероризмот.

Парламентот на БиХ до крајот на мај требаше да ги усвои измените на оспорените одредби, но тоа не се случи бидејчи двете партии упорно ги попречуваа чекорите во таа насока, инсистирајќи на уште поголемо ограничување на посебните мерки за надзор.

Поради овој пристап, лидерите на овие партии и нивните претставници во парламентот на БиХ се директно одговорни за евентуалното понатамошно ширење на организираниот криминал и корупцијата во БиХ, на штета на сите граѓани, се вели во соопштението.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.