Македонија

Тесното сообраќајно грло ќе биде минато, се реконструира патот Маврово- Маврови Анови

Тесното сообраќајно грло ќе биде минато, се реконструира патот Маврово- Маврови Анови

Со поставувањето на првите метри асфалтен слој, во близина на големите паркинзи, беше означен почетокот на работите на рехабилитацијата на регионалниот пат Маврово-Маврови Анови. Вредноста на овој, за Маврвоскиот регион, важен инфрстаруктурен зафат, изнесува над 76 милиони денари (1,2 милион евра), средства обезбедени од заем од Светска Банка.

Од јавното претпријатие за државни патишта информираат дека до февруари идната година, ова ќе биде сигурна и безбедна сообраќајница.

– Проектот предвидува замена на стариот асфалтен слој со нов на делници каде ширината е 6 метри, а на делниците каде ширината е помала и соодветно проширување. На одредени делови ќе се прават и пешачки патеки за да се постигне поголема безбедност во сообраќајот, изјави Љупчо Георгиевски директор на ЈП за државни патишта.

Тесното сообраќајно грло на обиколниот пат околу Мавровското Езеро ќе биде минато, смета градоначалникот на општина Маврово-Ростуше, Мукрем Мехмеди, кој нагласи дека со реконструкцијата и проширувањето се очекува да се подобри туристичката понуда и животот на жителите во мавровскиот регион.

Иако со децении се барало да се инвестира во оваа делница, тоа досега не беше направено. Ова е исклучително значаен зафат со кој и жителите и туристичките работници ќе имаат корист, подвлече Мехмеди.

Од ЈП за државни патиштата најавуваат дека идната година треба да започне и постапката за реконструкција на делницата од Бунец до селото Леуново, со што би се комплетирала обиколниот пат околу Мавровското езеро.