Колумни

Тестамент

Тестамент

Од првото утро, кога почнува да чука саатот што не следи се до крај… од тој ден, па се понатаму, секој од нас го пишува својот тестамент. Буква па збор, страна по страна, го носи теретот на она што секој од нас го наследил, и остава багаж зад себе некому.

Како во Атласот на облаците. Секој некому е причина, а за друг е последица.
Чекај малку, да запалам цигара, па ќе продолжам…
ОК.

Гледаме големи нации: Франции, Германии, Австрии, Русии, Италии, Шпании, Унгарии, Англии… и такви некои. Зад сето тоа стојат десет века постојано создавање, борба од ден во ден да се гради и сочува тоа што се има, да се остави зад себе. Да се има тестамент на својата нација, а не празна хартија.
Тестамент. Попис и опис на тоа кои сме, што сме и колку не бива. И ќе не биде.

А тестаментите на народите ги пишуваат креативци, градители, визионери, војници, учители, лекари, уметници и разни други волшебници… низ времето, тестаментите ги нагризуваат стаорци, ги палат убијци, предавници, ситни души, измеќари на туѓите вери, туѓите дворови и дворјани, мрачноумни кои задушени во својата пизма и ништожност во однос на оние кои тестаментите ги создаваат, и нас кои тестаментите ги чуваме.

Што е човек ако му го избришат името од книгата на родените?
Да, тестаментите на народите се чуваат. За да га има, и да постојат понатаму. Да бидат сочувани од стаорците, мракоумните и пироманите. Постојат визионерите кои го пишуваат, но и чуварите на тестаментот, како витезите на кралот Артур.

А нашиот тестамент не е богат и раскошен како францускиот, англискиот, унгарскиот, германскиот… или италијанскиот кој го пишувале двеста педесет векови. Не е, а можел да биде да имало кој да запишува, и кој тестаментот да го чува од Александар Македонски па наваму. Но, времињата не биле на наша страна: многу багра, предавници, измеќари на туѓи вери и туѓи дворјани, плус долгите сезони на стаорците во мрачните времиња на Балканот го направиле своето. И ние сме каде што сме.

Кога некои нови писмени, посветени и вредни се појавуваат за да се запишат нови страници на македонскиот тестамент за следните генерации, потомците на стаорците, измеќарите, колачите на своите комшии и братучеди… ќе се појават да не потсетат дека се уште постојат, и дека се тука за да служат некому, заработат нешто, и уништат – се.

Да го запалат тестаментот во кој нивните животи се ликови на негативци и лигуши, ликови кои читателот на тестаментот ги презира, и чека час поскоро да ги снема во содржината. Ги препознаваш ли, а? Ако не, еве ти ги пред тебе деновиве.

Деновиве се бележеа 122 години од ВМРО. Бројка е, 122 години некој тргнал по пат кој завршува со ова што го имаме сега. Тоа е битен дел од нашиот македонски тестамент.

Но, она што е денес СДСМ, парталава и валкана крпа, остаток од некогашната сјајна партизанска униформа, со ниту еден збор на Македонците не им го честиташе денот.

За нив, за СДСМ, не постои национална борба за самостојна Македонија.
Како да не постои национална биографија и македонски тестамент. Како се што е денес Македонија да ни го донел некој од страна. По можност некој амбасадор, или барем олеснувач без идентитет… во најдобар случај, како Македонија да ја спакувал Џорџ Сорос и ни ја пратил по пошта од Америка. На нивна адреса, секако.

Треба ли некому поконкретно од ова да види што е Македонија за СДСМ.

Треба ли да потсетам како ВМРО и Груевски го одбележуваат АСНОМ. Кој постави споменик на асномци и Киро Глигоров пред Собрание. СДСМ не го направи ни тоа.

Едни создаваат, градат и имаат визија… го пишуваат тестаментот. Други во темнината и друштвото на стаорците чекаат ден, се надеваат на ноќ кога ќе го запалат и ја остават Македонија без ништо.

Без име, без народ, без визија, без тестамент.

Ние, третите, сме тука да го чуваме тестаментот од мракоумните.
Од таа заевистичка армија на потпросечни која денес оди наоколу во парталите од некогашните сјајни партизански шинели. Дури ни тие шинели и еполети кои им се оставени како тестамент не ги сочуваа. Не се ни обидуваат, не им го ни знаат значењето.

Кога намерите не би им биле зли, а зборовите празни и измамнички, би се дружеле со нормалните, би читале барем и научиле дека умните успеале затоа што имале план и дисциплина да го спроведат. Надарените и пишувачите на тестаментот успеале да бидат таму каде што се – затоа што го имаат тоа, плус визија и моќ да ги издржат нив и таквите.

Дали е случај тоа што овој СДСМ, со овие Заев, Шекеринска и Шилегов не го ни спомнаа денот на македонската борба, денот на ВМРО, на Даме Груев, Карев, Делчев… Не.

Тие се посветени на нешто друго. На уништување на тестаментот. Веруваат дека е ова таа ноќ, нивна ноќ во која ќе ги сотрат сите белешки на создавањето и изградбата затоа што таму ги нема нив и нивните имиња. Како што сатрапите на ИСИЛ се трудат до темел да уништат се што потсетува на нивната маленкост и ништожност. Секој спомен и споменик на времето, културите и цивилизациите со кои тие, мрачни и зли, не владеат.

Таму е така. Овде е во најава. Кога сатрапите на тестаментот низ устите на Мирослав Грчев, Фрчкоски, Шекеринска или Најчевска најавуваат уривање на се што е изградено во времето на Груевски, најавуваат дека ќе ги урнат и претопат во суров месинг сите споменици. А спомениците се на Карев, Делчев, АСНОМ, генерал Апостолски, Пере Тошев, Ченто, Димитрија Чуповски, Крсте Петков Мисирков… на Александар Македонски.

Сето тоа еден ден, ако дозволиме, ќе биде пепел и топен месинг. Тестаментот на Македонија изеден од мракоумните. Таму е ИСИС, овде се тие, се друго е исто. Разликата е само во тоа што ИСИС има сила своето да го спроведе, а овие се на чекање.

И овој СДСМ, зборувам токму за овој СДСМ сега и овде на Заев, Шекеринска и Шилегов е создаван по франкенштајнски модел како што е создаден и ИСИЛ. Експеримент на дипломати и подземна политика, плус разузнавачи и валканите пари на Сорос. Агресивна маса без идеја и визија. Само глад за пари и функции, по секоја цена.

Тестаментот на СДСМ се 200.000 невработени, продадено име и знаме, загубена војна, ограбени фабрики и имоти, пирамидални штедилници и корупција на чело со Заев и Шекеринска, лично и персонално. Во нивниот тестамент се и двете украдени пензии на мојата мајка која умре, а СДСМ не и се раздолжи. Како и избришаните акции на мојот татко, работник во скопска Комуна, кој почина како ограбен човек. А вакви има многу, има барем 200.000 низ Македонија. Треба ли да им го простиме и заборавиме тоа.

На СДСМ Македонија му е во џебот, а не во срцето.

Во нивниот тестамент се ограбените од банките што ги ликвидираа, а парите ги задржаа за себе и своите олигарси. Во нивниот тестамент се и 70 загинати војници и полицајци од 2001 кои за СДСМ беа кучињата на Љупчо и ВМРО, а не лавови и тигри.

Во нивниот тестамент се запишани и зборовите на Стево Пендаровски и Најчевска дека Македонците кои не гласаат за нив се стадо и стока. Зборовите на Тричковски дека загинатите полицајци од Куманово тоа го заслужиле, а другите нека не се грижат – ќе дојдат и тие на ред.

Во нивниот тестамент се и 600.000 наши, приватни прислушувани разговори со кои владеат со нашите приватни животи и не уценуваат секој ден. Тие разговори се во фиоката на СДСМ и Заев, а не кај Мијалков и Груевски кои се, како и сите ние, нивна цел.

Во тестаментот на Груевски се она што го гледаме секој ден: излегуваш од дома и влегуваш во автобуси од негово време, возиш по улици и нови булевари изградени во негово време, се лекуваш бесплатно во нови болници со нови апарати, одиш и подигаш пензија која е дупло поголема од времето на СДСМ, како и платата што е сега дупла…

Тестаментот на Груевски, во голем дел, е тестамент на Македонија. Од одбрана на името и нацијата, до новите фабрики и факултети, бенефиции за родилките и младите мајки, за старите родители и преродените села низ Македонија кои повторно живеат.

Кога Заев ќе каже не одам на судење за корупција која ми е снимена на камера, кога тој не го признава судот, тоа е неговото непризнавање на Македонија. Парите од корупцијата остануваат кај него и Вице. Судот кој го признава е само судот на партијата и специјалниот на Катица, што е едно те исто.

Да го чуваме македонскиот тестамент. Да има нешто што останува и зад нас.

Да се прекинат преговорите, и да му се остави на Заев да продолжи со неговите “бомби#, нивните лигавења по амбасадите и заканите секому кој не е од нивниот двор. Тоа од нашата Македонија што тој им го продава на дипломатите се уште не е негово, и прашање на време е до кога купувачот ќе има трпение да чека Заев да стане власт, и да им го продаде тестаментот на Македонија.
Да повторам: На СДСМ Македонија му е во џебот, а не во срцето.

Наместо преговори, да се распушти парламентот, и да се распишат избори. Па ако СДСМ и Заев победат слободно нека апсат, бесат, грабаат, претопуваат месинг, уриваат…

Заев и СДСМ се закануваат дека ќе ги бојкотираат изборите. Ќе ги нема во Собранието. Нив и кога ги немаше таму тоа ни го наплатија милион евра, иако не одеа на работа. Никој не ни забележа дека друштвото на Заев не седи во Собранието.

Затоа, на нозе. Да се чува тестаментот на Македонија. Имаме што да оставиме зад себе, и знаеме да го сочуваме тоа. И да ги сочуваме оние кои тестаментот го пишуваат.

Да запалам уште една, и одам на барикадите. Многумина се веќе стасани таму.

Драган П. Латас за Вечер