Тетинот на севернокорејскиот лидер бил фрлен на глутница гладни кучиња

Тетинот на севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун и поранешен втор човек во управувањето со земјата Чан Сон Тек бил екзекутиран, така што бил фрлен на глутница гладни кучиња. Ова го тврди сингапурски весник „Страитс Тајмс“, повикувајќи се на две кинески публикации поврзани со Владата во Пекинг.

Чан Сон Тек беше егзекутиран на 12 декември под обвинение за предавство, откако неколку дена претходно изненадувачки беше отстранет од сите функции и исклучен од Корејската работничка партија (КРП). Дотогаш како ментор на лидерот Ким Јонг Ун и сопруг на неговата тетка, Чан Сон Тек, се сметаше за „силниот човек во сенка“. Меѓу клучните позиции што ги заземаше, беше заменик претседател на Државната комисија за одбрана – најважното воено управно тело на Пјонгјанг.

За неговата егзекуција досега немаше официјална информација и се претпоставуваше дека таа била извршена по вообичаениот начин за земјата, со стрелање. Неколку недели подоцна „Страитс Тајмс“, објави застрашувачка репортажа, според која Тек бил соблечен до гола кожа и фрлен заедно со неговите петмина најблиските соработници, во кафез со 120 ловџиски кучиња кои не биле нахранети повеќе од три дена. Екекуцијата траела околу еден час, при што осудениот бил жив изеден. Ким Јонг Ун го набљудувал ужасниот чин заедно со 300 високи државни функционери.

Во новогодишното обраќање до нацијата, севернокорејскиот лидер изјави дека земјата станала посилна, откако била прочистена од „нечистите функционери“. Ова е неговиот прв коментар по екзекуцијата на Чан Сон Тек, иако тој дури и не го споменал името на својот чичко.

Повеќето аналитичари уште во декември, заклучија дека најверојатната причина за чистка е желбата на Ким Јонг Ун да покаже дека ја држи целата контрола во свои раце и да го зајакне својот кредибилитет и независност. Според информации на јужнокорејските разузнавачки служби поместување на слоевите во раководството во Пјонгјанг се должи на бизнис конфликти меѓу клучните фигури, потсетува „Си-Ен-Ен“.