Тетовец со пушка го застрелал соседот

Триесет и две годишниот Д.У. од Теново е осомничен дека вчера со еден проектил од ловечка пушка го застрелал во главата својот соселанец Б.З. (36), информираше денеска портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифоски.

Според неговите информации, настанот се случил околу 10 часот во месноста Превалец во близина на селото. На застрелувањето му претходела вербална расправија меѓу застреланиот и таткото на осомничениот Е.У. (63), кој по случувањата избегал.

Б.З. бил застрелан додека во неговиот автомобил „Југо 55“ бил со друго лице. Веднаш потоа тој со друго возило бил префрлен во тетовската клиничка болница од каде бил препратен на клиниките во Скопје.

-Полицијата заедно со јавен обвинител извршиле увид на местото од вооружениот инцидент при што пронашле два патрони што се подигнати за вештачење, како и автомобилот на застреланиот што исто така е земен за кримтехничка обработка. Бидејќи Д.У. се уште не е пронајден по него ќе биде распишана потрага, рече Јосифоски.

Полицијата во текот на вчерашниот ден го привела и таткото на осомничениот, но по извршениот разговор тој бил пуштен.