Тетовка ветувала вработувања во администрација за пари, наводно се знаела со министерот за внатрешни

Жена на 46-годишна возраст од Тетово незаконски стекнала околу 2.500 евра, ветувајќи им на неколку лица вработување во државната администрација, а притоа својата жртва ја мамела дека лично се познава со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, извести во средата СВР Тетово.

Секторот за внатрешни работи Тетово до Основното јавно обвинителство Тетово поднесе кривична пријава против 46-годишната А.А. од Тетово поради постоење на основано сомнение дека сторила кривично дело „измама“ предвидено и казниво по член 247 од Кривичниот законик на Република Македонија и на штета на пет лица се стекнала со имотна корист од вкупно 1.980 евра, 100 американски долари и 37.000 денари.

Омено на 22-ри јануари К.Б. од Тетово пријавила дека била измамена од А.А., со која се запознале пред крајот на ланскиото декември и која и` кажала дека за одреден паричен надомест може да ги вработи нејзините два сина во државната администрација. Измамничката ја убедувала својата жртва дека има контакти со влијателни владини функционери, конкретно со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

По неколку дена оштетената ги обезбедила потребните документи за наводното вработување, но бидејќи едниот син имал само средно образование, А.А. се понудила за надокнада од 500 евра да му обезбеди диплома за завршено високо образование. Бидејќи и сопругот на измамената бил невработен и се обидувал да обезбеди американска работна виза, но патната исправа му била пред истекување, А.А. се понудила дека ќе „помогне“ и за тоа за надокнада од 100 американски долари. Според договорот,К.Б. и исплатила на А.А. 1320 евра и 100 американски долари, информираат од МВР.

Откако ги исплатила парите, К.Б. повеќепати контактирала со А.А. за да ја праша зошто не се реализираат ветувањата и да побара да ѝ ги врати парите доколку не може да ја заврши работата, а потоа ја пријавила измамата во СВР Тетово.

Веднаш по пријавата, била обезбедена А.А. и во извршениот раговор таа го потврдила пријавениот настан, а кажала и дека на ист начин земала пари од уште четири лица од подрачјето на Тетово и Куманово, ветувајќи им дека ќе ги вработи како наставници во основни и средни училишта и други работни места.