Теута Арифи до сопартијците: Нека повели кој сака на мегдан, доколку му стиска!

Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, повеќе нема да стои во сенка на претседателот на ДУИ Али Ахмети, туку ќе се обиде да се наметне како важна политичка фигура, како алтернатива на сегашниот концепт на дејствување, пишува дневниот весник  Вест.

Теута Арифи, која е и актуелен потпретседател на ДУИ, испрати ваква порака откако на Собранието на огранокот на ДУИ во Тетово ја загуби битката од двајца други ривали, рангирајќи се трета, со 21 глас од 120-мина делегати што учествуваа во гласањето.

Таа им порача на сопартијците кои по поразот во огранокот во Тетово, преку социјалните мрежи, ја повикаа да даде оставка од градоначалничката функција, дека легитимитетот да раководи со градот го црпи од 24 илјади гласови добиени на последните локални избори.

– Што се однесува на соочувањето за градот Тетово, нека повели кој сака, доколку му стиска и што смета дека може да освои 25 илјади гласа, го чекам на мегдан, затоа што мажите на мегдан се соочуваат – порача Арифи.

Со ова изјава, Арифи најави кандидатура за втор мандат за градоначалник на Тетово, без разлика дали зад нејзината кандидатура ќе застане ДУИ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.