Тевез многу не жали по Антонио Конте

Аргентинскиот интернационалец од редовите на актуелниот шампион на Италија, тимот на Јувентус, Карлос Тевез ја демантираше пласираната шпекулација дека ќе си заминел од Торино доколку Роберто Манчини бил именуван за нов предводник на “старата дама”.

Тевез има влошени односи со италијанскиот стручњак уште од времето кога двајцата беа дел од Манчестер Сити, но искусниот напаѓач откри дека нема вмешано прсти во ангажманот на Масимилиано Алегри.

„Во ниту еден момент не помислив дека морам да си заминам од редовите на Јувентус. Такво нешто не ми падна на памет после неочекуваната оставка на Антонио Конте. Јас потпишав 3-годишен договор со Јувентус и сакам да го испочитувам потпишаниот договор. Не бев разочаран после информацијата дека Конте поднел оставка. Ние имаме обврска да покажеме дека ова е победнички тим, тим составен од победници. Конте има голем удел во секоја победа, но удел имаат и фудбалерите”, изјави Тевез.