Спорт

Ракометна Лига на шампионите Тежок домашен пораз на Металург од Мотор Запорожје

Тежок домашен пораз на Металург од Мотор Запорожје

Во последниот натпревар на домашен терен од годинашната сезона во ракометната Лига на шампионите, македонскиот вицепрвак Металург загуби од Мотор Запорожје со 22:30.

Иако пред натпреварот во Металург беа оптимисти по нерешениот резултат (28:28) што го освоија во Украина во првиот меч со Мотор Запорожје, во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во саботата македонските ракометари дозволија уште на почетокот противникот да воспостави целосна контрола над играта. Тренерот на Металург Александар Јовиќ го почна дуелот со рискантната стратегија со седум ракометари во нападот, но Мотор беше подготвен на тоа и брзо дојде до убедливо водство од 5:1 во шестата минута. Таквата предност им даде самоувереност на гостите, кои со оваа победа го потврдија второто место во групата и пласманот во следната рунда, па до крајот на првото полувреме заминаа со предност од 11:15.

Во второто полувреме Металург се обиде со ангажиран игра во одбраната и со подлабока зона да ги исфрли од игра бековите на Мотор Запорожје, а на тоа се надоврза и голманот Дарко Арсиќ со три одбрани во серија. Но, сигурната игра во одбраната не резултираше и со ефикасност во нападот. Металург не искористи неколку шанси, меѓу кои и седмерец, да намали на три гола разлика, а Мотор тоа го казни со одлепување на водство 13:22.

Во последните петанесет минути од мечот, Мотор влезе со двоцифрена предност зголемувајќи ја разликата на 15:25 и до крај рутински и без поголем отпор од Металург ги потврди кон конечните 22:30.т.

Дарко Димитриевски постигна пет голови од пет обиди, гол помалку постигна Халил Јагањац, а по три гола за Металург постигнаа Жарко Пешевски и Александар Гуглета. Кај Мотор Запорожје најефиканси беа Артем Козакевич со пет и Алексеј Шинкел со четири гола.

Во завршното коло од групната фаза, Металург на 2-ри декември ќе гостува во Лисабон против Спортинг. За Металург ова е вкупно шести пораз во девет одиграни натпревари во групната фаза кој на едно коло пред крај го спушта македонскиот вицешампион на дното на табелата во Групата Д.