Тежок пораз на Наполи

Минатогодишниот вицешампион во Серија А, Наполио претрпе тежок пораз на гостувањето ја Сампдорија, а Калјари на гости славеше кај Аталанта во последните неделни дуели од третото коло на италијанското фудбалско првенство.

Наполи и неговиот нов тренер Карло Анчелото тешко настрадаа во Џенова каде настапија без капитенот и клупски рекордер по бројот на постигнати голови Марек Хамшик и напаѓачот Хозе Каљехон. Стрелци за Сампдорија беа Дефреи во 11 и 32 минута, и Кваљарела во 75 минута.

Калјари победи кај Аталанта со голот на Бареља во 45 минута. Фиорентина со голот на Бенасио во 73 минута го победи дома Удинезе. Минимална победа постигна и Лацио против Фросиноне за кој стрелец беше Алберто во 47 минута. Киево и Верона одиграа без голови.

Највозбудливо беше на мечот Сасуоло – Џенова во кој беа постигнати осум голови, домашните славеа со 5:3, а еден од головите за гостите го постигна македонскиот репрезентативен капитен Горан Пандев.

Гостите поведоа во 27 минута со голот на Пјатек, па следеше канонадата на Сасуоло преку Кевин-Принс Боатенг во 34, Лирола во 38, Бабакар во 41 и автоголот на Споли во втората минута од судиското продолжение на првото полувреме. Ферара зголеми на 5:1 за Сасуоло во 62 минута, но во 70-та Пандев го намали резултатот а конечните 5:3 ги заокружи со својот втор гол на мечот Пјатек во 83 минута.

Во саботата Интер ја оствари првата првенствена победа сезонава над Болоња со 3:0, актуелниот првак Јувентус со 2:1 беше подобар на гостувањето кај Парма, а претходно во петокот Милан ја совлада Рома со 2:1.

Јувентус е на чело на Серија А со максималните 9 бодови, а го следи со два бода помалку изненадувањето Сасуоло. По шест бодови изненадувачки на третото односно четвртото место се и Фиорентина и СПАЛ кои имаат и меч помалку, а исто толку бодови има и Наполи но од три натпревара.

Од 16-то до последното 20-то место со по еден бод се Торино, од два меча, како и Парма, Болоња, Фросиноне и Киево од три меча.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.