The Voca People воодушевија во Охрид

Претпразнична вечер полна со изненадувања на The Voca People синоќа пред бројната публика во Античкиот театар во Охрид, наспроти големиот државен и национален празник Илинден, пишува Охридпрес.

Со програма насловена како „Историјата на музиката во 5 минути“,The Voca People се претставија на сцената со музика од филмовите „Вљубени момчиња“, „Жени во лов“, „Класични времиња“, „Титаник“, но и перформанси на најпопуларните оперски арии, увертири, преубав избор на евергрини исткаен од најразнобразните стилови на соул, ритам и блуз, поп и рок, па се до електронска музика.

Октет со неверојатен квалитет на гласовите и умешност во владеењето со вокалот. Имено, говорот човекот го создал со својот интелект со желба да ја изрази сопствената мисла. Со што говорот и мислата прават целина. Иницијативата за говорот доаѓа од мислата, која при говорот е примарна, додека звучниот квалитет на тонот е секундарен и најчесто занемарен.

Пеењето пак е примарно емоционално изразување. Имено голем број на органи и мускули кои координирано учествуваат во пеењето не е можно да се активираат без сетивните и емоционални побуди. Според тоа, погрешен би бил пристапот во кој пејачките движења би се подредувале само под контрола на мислите, а при тоа да се занемарат емоционалните побуди.

Во настапот на The Voca People говорот и пеењето беа поврзани на едно повисоко ниво со низа на досетки и шеги и активно вклучување на публиката, а се` со цел да се направи едно големо и убаво шоу во кое вчеравечер учествуваа и уживаа сите присутни.

извор: ohridpress.com

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.