Тилерсон иронично се прости од Вашингтон „злонамерниот град“

Досегашниот американски државен секретар Рекс Тилерсон, кого претседателот Доналд Трамп го смени минатата седмица по озборувањата за меѓусебните лоши односи, се прости во четвртокот од Вашингтон, опишувајќи го иронично ако „злонамерен град“.

Како и во својата изјава од 13-ти март, кога беше сменет од должноста со твит на претседателот, доскорашниот шеф на американската дипломатија со ниеден збор не се осврна на Доналд Трамп, додека персоналот на Стејт департментот го испраќаше со долго ракоплескање.

„Би го замолил секој од вас секој ден да бидете љубезни кон некого. Во градот кој може да биде многу злонамерен“, изјави Тилерсон, чијшто проштален говор според медиумските извештаи, често бил прекинуван со аплаузи и смеа.

Поранешниот извршен директор на нафтениот гигант „ExxonMobil“, кој речиси влета во политиката, повторуваше во текот на својот едногодишен мандат дека е нов во Вашингтон, во намерите да се издвои од политичката елита.

„Сите можеме да одлучиме за тоа кој сакаме да бидеме, како сакаме да постапуваат со нас и како сакаме да постапуваме со другите“, инсистираше на заминувањето од седиштето на американската дипломатија во Вашингтон и враќањето во родниот Тексас.

Шеесет и петгодишниот Тилерсон технички останува државен секретар до крајот на март, но тој ја делегираше сета јавна и политичка одговорност на својот заменик Џон Саливен, додека Конгресот не го потврди неговиот наследник кого го именуваше Трамп. Новиот шеф на Стејт департментот се очекува да стане Мајк Помпео, директор на Централната разузнавачка агенција (CIA).

Американскиот претседател ги спомена „несогласувањата“ во врска со неколку прашања, вклучително и иранската нуклеарна програма, за да ја оправда смената на државниот секретар. Извори блиски на Тилерсон, уште пред повеќе од еден месец, кога првпат во медиумите се појавија шпекулациите за неговата смена, изјавија дека тој уште при именувањето на должноста имал намера на неа да се задржи една година, значи до февруари 2018-та, но тогаш посочија дека ќе се повлече најдоцна до мај.

Медиумите потсетуваат дека Тилерсон не го штедеше Трамп во оцените за неговата надворешна политика. Минатата есен известуваат дека тој претседателот го нарекол „морон“ и оти честопати ја доведувал во прашање „менталната состојба“ на својот шеф. Двајцата ги негираа ваквите пишувања.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.