Тилерсон на Лавров му ја потврди поддршката на САД за постојниот механизaм за истраги за хемиски напади

Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров во телефонски разговор истакнал дека го поддржува постојниот механизам за истрага на наводниот хемиски напад во Сирија на Организацијата за забрана на хемиското оружје (OPCW), се наведува во изјавата на портпаролот на Стејт департментот, Марк Тонер.

„Државниот секретар (на САД, Рекс Тилерсон) и министерот за надворешни работи (на Русија, Сергеј Лавров) разговараа за редици теми, вклучително и истрагата на OPCW во врска со употребата на хемиско оружје во Сирија од 4 април. Државниот секретар ја потврди својата поддршка за постојниот механизам за истраги на OPCW“, се наведува во изјавата на портпаролот на американската дипломатија, Марк Тонер.

Истакнува, исто така, дека Тилерсон и Лавров во текот на телефонскиот разговор „продолжиле со разгледувањето на билатералните прашања, покренати за време на неговата (на државниот секретар) посета на Москва“, којашто се случи на 11 и 12 април.

Претходно во петокот портпаролот на Стејт департментот изјави дека САД не гледаат неопходност од правење уште еден механизам за наводниот хемиски напад во Сирија, во покраината Идлиб, кога загинаа најмалку 86 луѓе од кои триесетина деца, за што Вашингтон ја обвинува владата на сирискиот претседател Башар ал-Асад кој е руски сојузник.

Според Тонер, Мисијата за утврдување на фактите за употреба на хемиско оружје во Сирија, којашто ја води истрагата за инцидентот, „веќе е овластена“ за спроведување активности од таков вид. Доколку податоците за борбена употреба на токсични супстанции биде потврдена, тогаш Заедничкиот механизам на OPCW и на Обединетите нации за истраги при хемиски напади ќе започне со утврдување на одговорноста за инцидентот, истакна портпаролот. Според него и двете организации „се независни и непристрасни механизми и тие ја имаат поддршката на САД“.

За разговорот меѓу Тилерсон и Лавров, соопштение издаде и руското министерство за надворешни работи, при што се истакнува дека било разговарано за „сириската тема“ и билатералните односи, како и дека руската страна изразила жалење поради тоа што САД не ја поддржале иницијативата на Русија во OPCW.

„Во текот на разговорите за меѓународните теми, Лавров изрази жалење поради тоа што САД истапија во Организација за забрана на хемиското оружје против иницијативата на Русија за испраќање инспектори во Сирија за потврда на наодите за употреба на сарин во градот Кан-Шејкун на 4 април и присуството на отровни супстанции во сириската воздухопловна база Шајрат“, којашто САД ја посочуваат како место од каде наводно полетале сириските авиони со хемиско оружје којашто подоцна ја ракетираа, се наведува во соопштението на руската дипломатија.

Се додава дека соговорниците се согласиле да се дадат инструкции уште еднаш да се испита можноста за организирање под покровителство на OPCW објективна истрага за инцидентот.

Руското министерство, исто така, истакнува дека биле разгледувани билатерални прашања при што Лавров го нагласил „барањето за враќање на незаконски одземена од (претходната) администрацијата (на американскиот претседател Барак) Обама на руската дипломатска сопственост во САД“.

„Двете страни се договорија наскоро да започне работата на заедничката работна група на ниво на заменици на шефовите на дипломатиите на двете земји за наоѓање начини за надвладување на иритирачките моменти од билатералните односи“, соопшти руското министерство за надворешни работи.