Тилерсон наскоро ќе објави за иранското почитување на нуклеарниот договор

Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон наскоро ќе го објави извештајот за тоа колку Иран се придржува до нуклеарниот договор постигнат со шесте светски сили, кој претседателот Доналд Трамп го нарече „лош договор“, соопшти портпаролот на Белата куќа, Шон Спајсер.

Според американскиот закон, Стејт департментот мора да го известува Конгресот секои 90 дена за тоа колку Иран се придржува до одредбите од споменатиот договор постигнат во втората половина од 2015 година.

Во понеделникот е новиот рок, а високи американски функционери минатата седмица рекоа дека администрацијата веројатно ќе информира дека Техеран се придржува до договорот, иако Трамп има многу резерви во поглед на него.

„Државниот секретар многу наскоро ќе ја објави информацијата за тој договор“, изјавил Спајсер на редовниот брифинг со новинарите акредитирани во Белата куќа.

„Мислам дека сите знаете оти претседателот беше многу јасен кога рече дека смета оти станува збор за лош договор, лош за САД“, додал.