Тилерсон: За САД и Русија нема нов почеток, не можеме да ги ресетираме работите

Односите меѓу САД и Русија не биле толку лоши од завршувањето на Студената војна и за нив не може да има нов почетокот, изјави во неделата шефот на американската дипломатија Рекс Тилерсон, и истакна дека се противи на употребата на терминот „ресетирање“ на односите меѓу двете земји

Државниот секретар на САД и поранешен извршен директор на нафтениот гигант „ExxonMobil“ од која позиција долги години работеше во Русија, Рекс Тилерсон последните неколку седмици неколкупати изрази жалење што односите меѓу двете нуклеарни суперсили паднале на „најниското ниво“ по распадот на Советскиот сојуз во 1991 година.

Неговиот руски колега, Сергеј Лавров, кој во средата во Белата куќа беше примен од американскиот претседател Доналд Трамп, ја изнесе истата констатација.

На прашање на новинарот на американската телевизиска мрежа NBC News, Тилерсон во неделата повтори дека односите меѓу двете земји паднале „на најниското ниво од завршувањето на Студената војна, при што и меѓусебната доверба е извонредно лоша“.

„Воопшто, се смета дека тоа не е добро во глобална смисла. Не е добро за нас, за американскиот народ, ниту за нашите интереси, кога станува збор за националната безбедност“, истакна американскиот државен секретар.

Меѓутоа, Тилерсон останува доста сомничав и во поглед на перспективите кога станува збор за затоплувањето на односите меѓу двете сили. Тие се особено лоши од 2012 година поради судирот во Сирија, а потоа и две години подоцна поради оној во Украина.
Тилерсон рече дека смета оти терминот ‘ресетирање’ се злоупотребува. Американскиот дипломат исклучи каков и да „нов почеток“ меѓу Вашингтон и Москва, преку „ресетирање“ на работите. „Не можете да ресетирате. Не можете да го избришете минатото. Не можете да почнете од нула. Тргнуваме со она што го имаме“, рече Тилерсон.

Тилерсон, исто така, ја изрази својата увереност дека Русија на некој начин се вмешала во американските претседателски избори во 2016 година, но истакна дека билатералниот односи треба да се гледаат во поширок контекст.

„Мислам дека е неопходно да гледаме на овие односи во нивниот најширок контекст. Има многу, многу важни области за коишто е потребно нашето внимание, доколку се вратиме на односите, коишто, како што ние веруваме, се неопходни за безбедноста на САД“, додаде Тилерсон.

Администрацијата на претходниот демократски претседател Барак Обана ја обвини Русија за наводно мешање во американскиот изборен систем. Во моментов во Конгресот се води истрага по ова прашање. Москва повеќепати ги отфрли ваквите обвинувања од страна на американското разузнавање и тамошната Демократска партија како „апсолутно неосновани“ кои не се поткрепени со ниеден конкретен доказ.