Тилевски најави повеќе инфраструктурни проекти за Охрид

Митко Тилевски, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Охрид денеска најави реализација на повеќе инфраструктурни зафати за време на неговиот мандат доколку ја добие довербата на граѓаните на престојните локални избори.

-Квалитетно изработена урбанистичко-планска документација овозможува заштита и унапредување на животната средина, а пак уредувањето на просторот и неговото планирање во дослух со граѓаните креира пософистициран лик на Општината и овозможува нејзино просторно искористување, рече тој пред медиумите.

Тилевски најави измена и дополнување на деталните урбанистички планови, со цел изградба на комплетна инфраструктура во индустриска зона „Мауцкер“, потоа современ стационар за животни и шинтер-служба, уредување на просторот кај „Бејбунар“…

– Добрите инфраструктурни, водоснабдителни и канализациони системски решенија, обезбедуваат континуиран развој на општината во секој нејзин дел, вклучувајќи ги како градските така и руралните средини. Преку изградбата и реконструкција на водоводните и канализационите системи паралелно со уредувањето на зелени површини во Општината, директно придонесуваме за почиста, а со тоа и поздрава животна средина за сите нас, рече тој ветувајќи изградба или доизградба на водоводни системи на улиците: „Јане Сандански“, „Абас Емин“, „Будва“, „Вардар“, „Васил Стефоски“, „Христо Узунов“, населбите Рача, Горно Лакочереј, Пештани, Лагадин и Куратица.

Тилевски вети и системи за фекална канализација во Лескоец (4 фаза), Велгошти, населба Рача, реконструкција на системите во урбните населби „15 Корпус“, „Стив Наумов“, „Абас Емин“, „Железничка“, „Будва“, „Александар Турунџиев“, „Ристо Чадо“.