Тилевски: Победа во Охрид уште во првиот круг од изборите

Нашата сила е народот и уште од денеска започнуваме со работа која ќе триумфира на 15-ти октомври со голема победа уште во првиот круг. Охрид секогаш ќе биде лулка на ВМРО-ДПМНЕ и стожерот на Македонија, на денешната прва прес-конференција истакна Митко Тилевски, кандидатот на Коалицијата „За подобра Македонија“ за градоначалник на Охрид.

Тилевски изрази уверување дека граѓаните ќе ја препознаат вистинската сила во него и во советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ, како вистински избор за светла иднина на градот Охрид.

Истовремено изрази надеж за мирни, достоинствени, фер и демократски локални избори.

Носителот на листата на кандидати за советници Кирил Пецаков од своја страна нагласи дека за нив најважна работа е дадениот збор.

„Во изминатите четири години неуморно се реализираа најголем број проекти за кои дадовме збор и максимално се вложивме за изградба на Охрид како современа општина…Охриѓани видоа нова, сосема отворена локална самоуправа, посветена кон целата јавност, вистински сервис во решавањето на проблемите на граѓаните“, истакна.

Пецаков нагласи дека токму затоа граѓаните можат да бидат сигурни оти новите проекти што ќе ги понудат со новата изборна програма ќе се реализираат во периодот од наредните четири години.