Тим доктори на едукација за трансплантација на црн дроб во Лион

Доктори од Република Македонија од областа на гастроентерохепатологија, дигестивна хирургија, анестезиологија и патологија, ќе заминат на повеќемесечна едукација во реномираниот Универзитетски клинички центар во Лион, Франција.
Станува збор за едукација фокусирана на трансплантација на црн дроб, која е договорена на денешната средба на министерот за здравство, Никола Тодоров, со проф. Оливие Бојлд, докажан експерт во областа на трансплантација на црн дроб, и проф. Лионел Бадет, директор на хируршкиот оддел во Клиничкиот центар во Лион.

На денешната средба е договорена и едукација во оваа здравствена установа на македонски доктори од повеќе хируршки области, со цел проширување на знаењата, вештините и искуствата на докторите и нивна примена во македонскиот здравствен систем.

Универзитетскиот клинички центар во Лион се вбројува меѓу најголемите универзитетски болнички мрежи во Франција. Во оваа здравствена установа работат околу 5 илјади доктори, една од клучните области на кои е фокусирана клиничката практика е токму трансплантацијата, каде се вршат околу 380 трансплантации на органи годишно.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.