Тимоние: Има простор за подобрување на комплицираниот текст од Законот за јазиците

Францускиот амбасадор во Македонија, Кристијан Тимоние, смета дека има простор за подобрување на текстот на Законот за употреба на јазиците, бидејќи, како што вели, се работи за многу комплициран текст. Сепак, не верува дека тој може да биде причина за нови меѓуетнички тензии во општествотo.

„Има простор за подобрување на содржината на Законот за употреба на јазиците и не сум единствениот кој смета дека се работи за комплициран текст кој не е лесно да се разбере“, вели францускиот амбасадор“, Кристијан Тимоние во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

 

„Од друга страна, она што ме интересира повеќе за овој текст е дали се разговараше за амандманите, дали правната рамка одговара на уставната, дали, на пример, целта на текстот, но и финансиските последици беа претставени пред јавноста? Сето тоа за нас се интересни прашања кои треба да покажат дали македонскиот систем функционира како нормален систем. За мене ова е своевиден тест. Од друга страна, да бидам целосно искрен, ќе ви кажам дека постои простор за подобрување во самиот текст и тоа е возможно, затоа што станува за разговори, ова е процес којшто се уште не е завршен и не би сакал да се изјаснувам“, изјави амбасадорот Тимоние.

Францускиот амбасадор не верува дека спроведувањето на законот би можело да биде причина за меѓуетнички раздор и оти, како што вели, по реакциите од албанската заедница и другите заедници забележал дека и покрај критиките, волјата да се живее заедно и да се напредува кон ЕУ се многу понапред од овој закон.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.