Тимошенко: Путин е како Хитлер, сака да го уништи цел свет

Поранешната претседателка на владата во Украина, Јулија Тимошенко, која денеска ја напушти болницата во Германија,  го споредила рускиот претседател, Владимир Путин, со Хитлер и рекла дека Украина ќе мора да се брани, па каква и да е цената која треба да се плати за тоа.

„Прашајте го било кој германски полицаец што би направил доколку види пијан возач кој со цела брзина се залетува во автобус полн со луѓе”, одговорила Тимошенко на поставено прашање од страна на „Билд” како може да биде запрен Путин во својата намера, додавајќи дека според неа „свирчето” не би можело да заврши работа.

„Ние мора да ја браниме својата земја, па колку и да чини тоа”, рекла Тимошенко во средата во интервју за таблоидот „Билд”.

Таа говорот на Путин во вторникот го оценила како „фашистичка пропаганда”.

„Верувам дека Европа и цел свет нема слушнато ваков говор од 1938 година, а неговата порака за западот и Киев беше: „за вас воопшто не се грижам”, рекла Тимошенко и го критикувала Западот поради постапките кон Путин.

Најголема грешка е тоа „Путиновата агресија над Украина да се смета како локален конфликт”, оценила Тимошенко, додавајќи дека Путин сака да го „уништи” целиот свет.

Таа предупредила дека украинскиот конфликт има глобална димензија и дека светот, доколку продолжи и понатаму да молчи, ќе мода „да игра како што ќе свири Путин”.