Тимошенко се кандидираше за претседател на Укрина

Украинската партија „Баткившчина“ (Татковина) ја поднесе кандидатурата на својот лидер Јулија Тимошенко за претседател на земјата за изборите закажани за 25 мај.

Одлуката беше донесена денеска на Конгресот на партијата во Киев, пренесе ИТАР-ТАСС.

Во својата изјава пред делегатите поранешната премиерка го повика „народот да се обедини“.

„Доста војувавме, треба да ги најдеме оние зборови, оние принципи, кои на земјата ќе и дадат нова енергија“, рече Тимошенко.

Таа, исто така, изјави дека е одлучна да води персонална војна против олигарсите.

Лидерката на партијата, освен тоа, смета дека Украина „ во најкратки рокови треба да се приклучи кон Европската унија“. Според неа, „во денешни услови неопходно е Украина да се интегрира во западните одбранбени сојузи, но заедно со тоа треба да продолжи да гради и своја ефикасна армија“.