Тимот SEA GAMES победник на натпреварот за најдобар бизнис план

Дванаесет тимови во Скопје се натпреваруваа за титулата најдобра студентска компанија во бизнис план натпреварот „Брилијантни млади претприемачи“. Титулата ја доби тимот SEA GAMES и ја освои наградата од 15.000 евра.

Покрај паричната награда тимот ќе добие и консултантски услуги од страна на експерти соодветни за дејноста на компанијата. Дејноста на SEA GAMES е креирање на мобилни апликации (игри) за деца на македонски јазик. Апликациите ќе бидат од едукативен карактер, соодветни за различни возрасти, како и за деца со посебни потреби. Со нив преку игра на еден забавен начин, децата ќе можат да ги развиваат логичко-когнитивните способности и моторните функции.

Тимовите се претставија со бизнис планови од најразлични области: софтверска платформа за мали претпријатија; мобилна апликација за туристи; закажување услуги преку мобилен телефон; мултимедијален музичко- училиштен центар; сервис за перење алишта наменет за студенти; пакување и продажба на свежи салати; едукативни игри за деца; маркетинг агенција за мали претпријатија со користење на техниката “тропни на врата”; рекламни панели кои имаат интегриран дисплеј кои реагира на допир, движење, контакт со очи и говорна команда; мобилна апликација за таблети и паметни телефони со која ќе се овозможи виртуелен 3Д приказ и презентација на производи со помош на технологијата на надополнета реалност; веб портал за самовработување, пракса и соработка помеѓу индивидуи, студенти и компании.

„Брилијантни млади претприемачи“  е европска иницијатива која се спроведува во 17 европски земји и има за цел да ги поттикне младите претприемачи да ги претворат своите бизнис идеи во реален бизнис. Намалувањето на невработеноста и создавањето на можности за вработување на младите луѓе се едни од клучните приоритети на оваа иницијатива.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.