Тимови од сите институции постојано на терен во Тетово

Тимови од сите институции постојано на терен во Тетово
Тимови од сите институции постојано на терен во Тетово

Тетово за жал вчера беше зафатено од една голема природна непогода и за жал беа загубени и човечки животи. Сочувствуваме со нивните семејства, истакна портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев во вестите на Сител.

Тој додаде дека првичните информации говорат оти е настанато и оштетување на значителен дел на приватен имот- објекти, домови, куќи, покуќнина, автомобили, земјоделско земјиште и оштетување на државен, односно имот на локалната самоуправа во смисла на патишта мостови, водоводни- канализациони системи.

Нашите тимови се постојано на терен од сите институции, тие придонесуваат за санација на сите овие последици, менаџирање со состојбите заедно со локалната самоуправа. Имавме денеска и владина седница на која што сите овие институции реферираа по однос на делокругот на нивните надлежности. Беше заклучено истите тимови да продолжат активно да работат на терен, доколку има потреба да се интензивира присуството, да се засилат во механизација, во кадар, се што е потребно за да може во еден побрз период да се надминат сите овие состојби, потенцира Ѓорѓиев.

Тој подвлече посебно значење се дало на отпочнување на процедурите кои што ќе значат давање на определена помош на населението, во смисла на помош за оние кои што беа загрозени од самите обилни врнежи, од поплавите кои го зафатија тетовскиот регион.

Беше формирана специјална владина комисија која што веднаш излезе на терен и прва работа што треба да ја направи е да утврди попис на сите семејства чии што домови претрпеле оштетување од поројните врнежи, се со цел за да може врз основа на тој попис да се исплати еднократна парична помош по семејство која што ќе изнесува 30.000 денари. Очекуваме во период од ден- два да го имаме тој попис за да може првите средства да легнат на сметките на овие семејства кои што беа погодени, а главната работа која што таа ќе треба да ја направи во еден период од 30-45 дена да направи комплетна проценка на целокупниот имот кој што е оштетен и приватниот и државниот и имотот на локалната самоуправа, рече портпаролот на Владата на РМ.

Како што информира рвичните проценки велат дека се оштетени околу 200 куќи.

Ќе треба поголем период да се утврди што се е настанато како штета, за да може потоа врз основа на тој извештај на самата комисија, Владата повторно да одлучува за да може да исплати дополнителна помош за надминување на овие последици со кои се соочуваат семејствата. Беа договорени и други мерки, во смисла да биде отворена посебна донаторска сметка, каде што граѓаните ќе може со свои средства да придонесат кон обезбедување на еден фонд на дополнителни средства кои што потоа би биле алоцирани за задоволување на потребите на семејствата, додаде Ѓорѓиев.

Владини тимови и министри денеска  повторно се на терен во Тетово и тетовско и ги следат состојбите, се со цел да се помогне на населението кое што се соочува со големи предизвици во овие моменти.

 

 

Четири лица загинаа, а две се водат како исчезнати по поплавите кои вчера го зафатија Тетово и регионот.