Македонија

Тимовите на Заев никако да се активираат

Тимовите на Заев никако да се активираат

Повеќето од тимовите на Зоран Заев вчера доцна попладнето координирано тргнаа од врата на врата за да ги слушнат проблемите на граѓаните. Мобилизацијата на тимовите на терен, кои бомбастично беа најавени од лидерот на партијата на крајот од август, како што дознаваме, требаше да почне во речиси сите градови во земјата нешто по 18 часот, пишува Дневник.

Според информации од општинските разграноци во повеќе населени места, почетокот за одредени градови засега ќе биде одложен до понеделник. Од СДСМ нема подетални информации што ќе им биде презентирано на граѓаните пред нивните врати и зошто на одредени места теренската активност е одложена, но активистите главно ќе се држат до прирачникот изработен како дел од новата стратегија, според кој тимовите не треа да бидат активни за време на ручек и да не тропаат гласно на врата.

„Kога ќе одите од врата на врата, секогаш почнете од последниот кат и движете се надолу. Одете меѓу 10 и 21 часот за викенд и меѓу 18 и 21 часот во работен ден, а никогаш за време на ручек. Облечете соодветна облека и без нервоза. Не носете на себе очила за сонце или капа која може да ви го скрие лицето. Вашата лична приказна е секогаш најдобар начин да ги вклучите во разговор луѓето што ќе ви отворат врата. Супер е ако разговарате и надвор од сценариото. Ако нема никој дома, обидете се од соседите да дознаете дали некој живее на таа адреса“, пишува Дневник.

Според партиски извори, тимовите во одредени места, особено во неколку населби во главниот град, засега ќе стагнираат, но не долго време. Жителите на општините Kисела Вода, Центар и Аеродром овие неколку дена нема да бидат посетени од активистите на Заев. Во текот на другата недела се очекува нивна мобилизација на терен, а истото важи и за Свети Николе и уште неколку населени места во внатрешноста.